Контролата на цените не ја намалува туку ја зголемува инфлацијата

По завршувањето на тн. „новогодишна кошничка“, се очекува цените повторно да излезат од лер и да се стават во брзина. Сите пак ќе удрат по трговците (не дека нема лакоми говеда меѓу нив), но друга е цаката. На основа на која продуктивност се даваат зголемувања на плати на јавна админстрација, пензии и слично? Инфлацијата е термометар. Со кршење на термометарот, температурата нема да престане да постои.      

„Хрватската влада крие дека таа е главната и единствена причина за оваа белја наречена инфлација, а кога ситуацијата ќе стане сериозна, почнува да игра улога на добротвор и почнува да се меша во цените. Во договор со најголемите трговски синџири, Владата одредува список на производи за кои ги фиксира цените. Трговците, се разбира, нема да се лутат - имаат тие начини да се погрижат овие контроли да не влијаат на нивните приходи. На пример, ќе ја надополнат таа разлика со поскапување на слични производи. Затоа, нема недостиг што инаку сигурно би се случил, но тоа не значи дека инфлацијата паѓа, туку напротив“, пишува Марио Накиќ.

Економските историчари долго време ги проучувале контролите на цените, од едиктот на императорот Диоклецијан од 301 година,  случајот на Француската револуција, непосредно после Првата светска војна, експериментите на кинеската династија Сонг со книжни пари, политиките на Никсон...

Можеби најдобар начин да се сфати зошто контролите на цените не помагаат е старата аналогија на Милтон Фридман за термометрите и температурата.

Ако термометарот покажува дека температурата расте, тогаш најверојатно има надворешни промени (во случајов промени во економијата) или пак не е добро баждарен. Луѓето кои се залагаат за контроли на цените, всушност се обидуваат да го скршат термометарот спречувајќи го да покаже зголемена температура.  И мислат така ќе биде решен проблемот.

Овој пристап не само што не го решава основниот проблем, туку нè лишува од информации за неговиот опсег и прогресија. Фактот што мерените цени престануваат да растат кога владата спроведува контрола на цените не значи дека реалните цени престануваат да растат.

„Мора да изгубите нешто. Со контролирани цени, луѓето или мора да чекаат на ред, да рационализираат, да купуваат стоки со послаб квалитет или помалку пожелни добра“.

Сè упатува на тоа дека контролата на цените не ја спречува инфлацијата, туку само ги влошува работите. Ако цените растат, тоа е или затоа што монетарната политика е премногу лабава или затоа што економијата претрпела пад на продуктивноста. Инфлацијата тогаш не може да се избегне, а единствените решенија се заострување на монетарната политика или спроведување реформи кои поттикнуваат раст на продуктивноста.

„Сè друго е глупост што завршува со економска болка“, заклучува Винсент Галосо во Daily Economy.

16 јануари 2025 - 14:23