Бројките се од заедничкиот извештај на Групата за истражување на јавниот интерес на САД и Граѓани за даночна правда. Заклучокот на извештајот е дека компаниите "драматично повеќе користат сметководствени техники кои дозволуваат готовината заработена вон САД да биде запишана на име на нивните офшор филијали, каде некогаш целото нивно физичко присуство се сведува на поштенско сандаче."
Меѓу "техниките" што тие ги спомнуваат е примерот со Фајзер кој има пракса патентот за одреден лек да го префрли на име на офшор подружница. Па така кога Фајзер го продава лекот во САД, тој на офшор подружницата и плаќа висок надомест за лиценца на лекот и сметководствено тие бележат загуба, а реално профитот само им е префрлен на офшор сметка. Фајзер неодамна дури и се обиде да преземе помал конкурент во Британија, за да може своето седиште да го префрли на островот, со што би си го олесниле избегнувањето даноци.
Оваа техника ја употребува и Најк, со 8,3 милијарди долари на офшор сметки, кој заштитните знаци ги регистрира на име на своите 3 подружници на Бермудите, кои потоа од американското седиште на компанијата наплаќаат големи тантиеми за користење.
Со 258 подружници на прво место на листата е KKR - Kohlberg Kravis Roberts. По нив е Морган Стенли со 210 вакви подружници, а на трето место е АЕС корпорацијата со 206 подружници.
Моментално топ 500-те американски компании имаат 2100 милијарди долари на офшор сметки, од овие пари 65% отпаѓаат на само 30 компании. Инаку, бројот на подружници генерално не е поврзан сумата на пари што една компанија ја чува вон САД.
Овие пари само се на име на офшор компании, меѓутоа како средства се инвестирани и лежат во американски банки или американски имот. Авторите на извештајот ги прозиваат компаниите заради оваа пракса бидејќи "во вакви случаи американските компании имаат корист од стабилноста на финансискиот систем на САД додека избегнуваат плаќање даноци на профит кој се остава на офшор сметки заради даночни причини." Во исто време, помалите даночни приходи од корпорациите, се надоместуваат со повисоки даноци за американските граѓани.
"Тоа што компаниите заработуваат толкави профити генерално се должи на тоа што имаат пристап до американскиот потрошувачки пазар кој е најголем во светот, добро образована работна сила подготвена од нашиот училишен систем, силни права на приватна сопственост спроведувани од нашиот судски систем, и американските патишта и железници преку кои овие производи се испорачуваат на пазарот," пишуваат авторите на извештајот.