Коректната (и помалку сензационалистичка верзија на веста) е дека Закерберг создаде средство за инвестиции. Да тој и сопругата, донираат 99% од својот имот, ама за ова не основаат добротворна фондација, која има непрофитен статус, туку создаваат компанија со ограничена одговорност (нешто како ДОО).
Џеси Ајсенгер од ПроПублика, анализирајќи го потегот на Закерберг објаснува дека оваа компанија може да инвестира во други компании, може да дава политички донации, може да лобира за промени во законот, "односно може да прави што сака со своите пари."
Наспроти ова, добротворна организација подлежи на правила и надзор. Тие мора да поделат одреден процент од својот имот секоја година, за разлика од ДОО-то на Закерберг кое нема да мора да прави ништо од ова.
Ајсенгер разговара со професорот по право и специјалист за даноци од Универзитетот Сан Диего, Виктор Флешер, околу тоа што значи во даночна смисла одлуката на Закерберг.
- Ако ДОО-то продаде дел од акциите, Закерберг ќе треба да плати голем данок на капитална добивка, посебно ако порасне вредноста на Фејсбук.
- Меѓутоа ако тие одлучат да донираат дел од парите од продажбата, тогаш ќе добијат намалување на данок како и сите други.
- "Ама ДОО-то веројатно нема да го направи тоа бидејќи има еден подобар потег на располагање. Флешер објаснува дека попаметно би било акциите (на кои сега им е зголемена вредноста) да ги донира во добротворни организации, што ќе генерира одбивање според пазарна цена на овие акции без притоа да се активира каков било данок." (Наспроти продавањето акции, па потоа плаќање на данок парите од продажбата.)
"Закерберг не ги создаде овие даночни правила и не може да биде критикуван за минимизирање на даночната сметка. Тој и да основаше фондација, пак ќе имаше на располагање слични даночни олеснувања. Меѓутоа ова покажува дека тој го има насобрано едно од најголемите богатства во светот и веројатно никогаш нема да плати данок за тоа. Секој пат кога супер богат плутократ ќе направи добротворна донација, јавноста треба да биде потсетена дека вака функционира нашиот даночен систем. Супер богатите купуваат одличен имиџ и ласкање за донации кои ги намалуваат нивните даноци.
Наместо изобилие пофалби за Закерберг што објавил соопштение со ветување, ова треба да биде шанса да се размисли во какво општество сакаме да живееме. Кој треба да ги финансира нашите општествени потреби и како? Добротворните организации ретко финансираат секојдневни ама сепак витални потреби. Што би значеле 40 милијарди долари за отворањето нови работни места или подобрувањето на инфраструктурата? Центарот за контрола и превенција на болести има годишен буџет од околу 7 милијарди долари. Можеби повеќе пари треба таму да одат. Општеството, преку своите избрани претставници, ги оданочува своите членови. Потоа избраните претставници одлучуваат што да прават со овие пари.
Во овој случај е поразлично. Еден човек ќе ги носи одлуките.
Секако никој не вели дека нашите избрани претставници вршат добра работа во алоцирање ресурси. Политичарите се еден куп денгуби. Можеби Закерберг ќе донесе прекрасни одлуки, онакви со кој јас лично би бил задоволен. Можеби нема. Тој ја упропасти својата донација од 100 милиони долари за училишниот систем на Њуварк, Закерберг тврди дека научил од своите грешки. Ние не знаеме дали тоа е точно бидејќи тој нема донесено каква било одлука со парите што планира да ги стави во своето ДОО...
... Поентата е дека се претвораме во општество на олигарси. И јас не сум толку возбуден како некои за да им посакам добредојде на нашите нови господари од Силициумската долина," пишува Џеси Ајсингер.
Закерберг деновиве одговори зошто парите не ги дал во добротворни цели.