Естонската филијала на банката веќе префрлала милијарди долари од своите клиенти на оф-шор сметки кога се понудила нивните пари да почне да ги конвертира во златни шипки и парички. Дополнителен аргумент за златото било што со него клиентите можеле да остварат дополнителна анонимност.
Во извештај од 2018 Данске наведува дека со парите купувале и обврзници, меѓутоа никаде не го спомнува златото.
„Ме изненадува што банката во сопствениот извештај го нема спомнатото ова. Ова е услуга која е комплетно спротивна на сите закони за спречување на перење пари. Дефинитивно е сомнителна.
Златото е одличен начин за перење пари заради неговата стабилна вредност. Можеш да го продадеш без да изгубиш многу од вредноста и добиваш кеш на рака. Ако купиш автомобил или такво нешто, вредноста веднаш паѓа,“ изјавува данскиот адвокат кој специјализира на теми околу перење пари.
За златни шипки до 250 грама на не-резидентните клиенти на Данске банк не им биле потребни хартиени сертификати. На клиентите им била потребна дозвола за да го земат златото, меѓутоа ова правило не важело ако златото го чувале во сеф на долг рок.
Според документите до кои доаѓа Блумберг, банката златото го купува од два партнера, во зависност од количината на нарачката. Едниот партнер ги покрива нарачките над 300.000 евра (во тоа време 6 кг.) злато, кои доаѓаат од австрискиот трезор; а за помалите нарачки имаат друг партнер, кој не е именуван. На големите нарачки Данске наплаќа провизија од 0,5%, а на помалите до 4%.
Инаку целиот скандал со естонската филијала на Дански банк и перењето пари на руските милијардери има и историска симболика, бидејќи Талин на почетокот од 1920-те (тогаш главен град на се уште самостојната Естонија) беше искористен од тогашните комунисти од СССР за шверц на околу 700 тони од златото на руското царско семејство, во Скандинавија и Британија.