Како да исперете пари, кога би имале пари за перење

На пример си криминалец кој успеал да собере десетици милиони евра по кој знае каква нечовечка основа, и со време парите почнуваат да ти прават проблем затоа што ти седат на купче до тебе и по цел ден ги мислиш да не им се случи нешто, ем не можеш ништо да си купиш за да те личи на парите што ги имаш.

Затоа што не можеш да ги шеташ со тебе во куфери (ем е комплицирано, ем предизвикува сомнеж), парите ќе треба да ги испереш, односно да направиш валканите пари да наликуваат на приходи од легитимен бизнис. Вака испраните пари ќе можеш да ги извадиш пред народ, и да ги направиш сите луксузи за кои се сонувал - пример недвижности и јахти. Проблемот е што најголемиот дел од државите низ светот и сите светски банки имаат поставено контрола за следење и откривање на сомнителни пари кои влегуваат во финансискиот систем. Како што се виде од случајот со Троика пералната, кога се има вишок пари и иновативност сите проблеми се решаваат.


Криење зад шел компании

Намерно матни „шел“ компании, кои постојат само на хартија и немаат никакви бизнис операции се лесен и евтин начин за поставување и ефикасно криење на сопствеништвото. Тие се клучни за она што експертите го нарекуваат „фаза на додавање слоеви“ во перењето пари, во која парите се префрлаат по неколку пати со што станува потешко да им се влезе во траг. Шел компаниите обично се наоѓаат во даночни оази како Швајцарија и Кајманските острови, а во САД Делавер и Невада исто така дозволуваат корпорациите да бидат основани во таинственост. Во случајот со Троика пералната беше откриено дека шемата опфаќала 75 шел компании кои генерирале вкупно 8,8 милијарди долари во трансакции од измислени зделки.


Откривање слаби точки

По хаосот од распаѓањето на СССР, перачите на пари почнаа да бараат слаби точки во Европа, во кои контролата на банките се уште не беше на соодветното ниво. Во тоа време бараат банки кои или се лошо надгледувани или дури се отворени за соработка. Лавина од пари завршува во банките на Кипар и Малта. Балтичките нации како Естонија, Литванија и Латвија, кои имаат клучни улоги во приказната со валканите руски пари, стануваат големи играчи како нивна порта кон Западот. Поранешните советски држави имаат и дополнителна поволност што таму рускиот јазик масовно со говори, а во исто време скандинавските банки побрзаа да влезат на овие пазари од кои се очекуваше висок раст. Потоа користејќи кореспондентни банки од Западот, парите се дополнително прочистени и префрлени со многу помалку сомнеж. Данске банк призна дека најголемиот дел од околу 230 милијарди долари кои минале низ нејзината естонска филијала биле валкани.


Перење преку трговија

Криминалците можат да префрлаат пари меѓу разни држави со помош на легална меѓународна трговија на стока и фалсификувајќи ги фактурите за да ја скријат нејзината вистинска вредност. Ваквата трговија е клучна за шемата на Троика пералната, каде лажни фактури се користени за трговија со прехранбени производи, авто делови и метални производи. Методот масовно се користи за изнесување пари од економиите во развој. Се проценува дека на трговијата со лажирани фактури отпаѓаат 18% од вкупната трговија на земјите во развој со развиените земји.

Пресликана трговија

Во оваа шема станува збор за две трансакции на акции, на две одделни локации, кои се поништуваат една со друга но успеваат да префрлат пари од едно место на друго. Пресликаната трговија има и легална употреба, и се користи од заедничките фондови и останати инвеститори кои се ограничени во тоа каде можат да ги чуваат своите хартии од вредност. Но истиот овој механизам може да се користи за пренесување пари преку граница. Во еден пример од пред неколку години, Дојче банк им помогна на клиентите да извадат околу 10 милијарди долари од Русија (во периодот од 2011 до 2015) извршувајќи пресликана трговија во претставништвата во Москва и Лондон. Банката за ова во Британија и САД беше казнената со 629 милиони долари. Како алтернатива на ова е „последователниот метод“ во кој земаш заем во една држава кој е обезбеден од депозит што го имаш во друга. Позајмувачот не ја враќа позајмицата во првата држава, заради што банката својот долг го наплаќа од депозитот што тој го има оставено како гаранција во другата држава, и парите на крај излегуваат чисти. Проблемот и кај овој механизам е што тој исто така има легална употреба заради што е потешко да биде запрен.

 

Мешање чисти и валкани пари

Перачите на пари некогаш работат со реални компании кои генерираат огромни пари, спојувајќи ги нивните средства пред тие да влезат во банка. Казина и други бизниси кои се базираат на кеш како ресторани се привлечни мети. Најчестата шема која ги вклучува казината е со готовина да се купи огромна количина чипови за коцкање, мал дел од чиповите ги коцкаш, а другите ги враќаш на благајна како добивка од коцкањето. Оваа шема е уште поефикасна ако поседуваш цело казино. Макао со години е центар за перење пари и покрај обидите на кинеската влада за сузбивање. Канада минатата година открива дека казината во Британска Колумбија со години служат како перални за домашниот и меѓународен криминал. Онлајн коцкањето е само проширување на дејноста, како и криптовалутите.

 

Штрумфување

За да избегнат активирање аларми, перачите на пари сумите ги разделуваат во помали купчиња, по што нивните соработници познати како „штрумфови“ ги уплаќаат парите на различни сметки на различни локации. Во САД банките по закон мораат да пријават секоја трансакција поголема од 10.000 долари па перачите најчесто избегнуваат да ја надминат таа граница. Банките по службена должност мораат постојано да ги следат трансакциите на своите комитенти и да бараат можно прекршување на законите, а доколку откријат такво нешто тие се должни за тоа да ги алармираат властите. Доколку не го направат тоа им следуваат големи казни.

10 март 2019 - 10:32