По објавата на ОПЕК, Бајден лично изјави дека кратењето е „непотребно“, а државниот секретар Блинкен порача дека на членките на ОПЕК јасно им ги имаат кажано нивните ставови.
Освен летната офанзива во која дури и Бајден го погази својот збор и пристигна во посета на Саудиска Арабија (која вроди со зголемување на производството од 100.000 барели на ден), изминативе неколку денови највисоките американски функционери лобираа кај своите колеги од Блискиот Исток да гласаат против намалувањето на производството, кое не се прави во однос на договорените квоти што речиси никогаш не се постигнуваат, туку на реалното производство.
Во американското лобирање главна улога има пратеникот на Бајден за енергетика, Амос Хохштајн, кој заедно со уште двајца високи пратеници на американската влада на крајот од септември беа во посета на Џеда за подетално да ги разговараат сите работи што беа договорени при посетата на Бајден на Саудиска Арабија во јули годинава.
Со функционери на Кувајт и Емиратите лично зборуваше американската министерка за финансии Џанет Јелен, која ги убедувала дека кратењето на производството екстремно ќе и наштети на глобалната економија, и дека на долг рок тоа ќе ги снижи цените на нафтата наместо да ги крене.
Една од понудите од САД е земјата да откупи и 200 милиони барели нафта за пополнување на своите резерви, и на тој начин малку од малку да ја крене цената на берзите. Оваа понуда доаѓа со предуслов, дека САД би го откупувале производството на ОПЕК доколку членките почнат да вложуваат во производство и во зголемување на нивните капаците, нешто што не се прави што заради политички причини, што заради контрола на цената.
Американската администрација во своите документи до кои доаѓа Си-ен-ен потенцијалното намалување на производството го нарекува „тотална катастрофа“ и предупредува дека истото може да се смета за „непријателски акт“.
Според еден американски функционер „важно е сите да се свесни колку е голем влогот,“ за друг Белата куќа моментално „има грч и паничи“.
Паниката пак е затоа што ова се случува пред меѓуизборите во САД закажани за во ноември и откако Белата куќа потроши неколку месеци на активно работење на снижување на цените на горивото кои цели 100 дена по ред се во надолна линија.
Проблемот на ОПЕК е што по пикот од јуни кога барел беше 120 долари, цената во еден момент падна под 90 долари. На ова се надоврза и најавата од ЕУ за ограничување на цената на руската нафта, на што се побунија и останатите членки на ОПЕК кои се незадоволни од можноста да биде воведен ваков преседан по кој „потрошувачите а не пазарот да ја одредуваат цената на нафтата“.