Убер, глобалната технолошка транспортна компанија чија апликација во многу земји им е главен конкурент на таксистите, загуби голема правна битка пред највисокиот суд на Европската унија. Европскиот суд на правдата одлучи дека Убер е транспортна компанија, а не Онлајн платформа која ги спојува патниците со возачите и дека мора да дејствува во согласност со европските закони кои го регулираат превозот. Аргументите на Убер се дека не нудат услуги за превоз со такси, туку дека „им помагаат на луѓето електронски да остварат контакт со други“.
Случајот заврши пред суд откако на Убер во Барселона му беше наложено да ги почитува правилата за такси-превоз, објави Би-Би-Си Од Убер велат дека пресудата нема значително да влијае врз нивното работење во оние земји на ЕУ каде што веќе функционираат во рамките на законските прописи за транспорт.
„Милиони Европејци и натаму не се во можност да ја користат нашата апликација и ќе да разговараме со локалните власти во градовите со цел секој да може да добие услуга за возење со притискање врз екранот на мобилните телефони“, велат од Убер.
Според Убер секоја од земјите членки на ЕУ треба да одлучи како ќе ги регулира компаниите кои нудат вакви услуги за превоз. Меѓу земјите кои веќе имаат регулатива која се однесува на споделување на превозот се Финска и Естонија, а слични реформи се одвиваат и во други земји.
Согласно пресудата на Европскиот суд, апликацијата за споделување на возењето мора да се придржува кон строгите правила со кои се регулираат традиционалните такси - здруженија, што претставува голем неуспех за компанијата. Ваквата одлука може да ги спречи нејзините планови за ширење во Европа, бидејќи сега практично ќе треба да плаќа скапи надоместоци за лиценцирање. Убер ќе мора да ги третира возачите како такси - возачи, наместо како независни работници без врска со компанијата и покрај користењето на нејзината апликација за паметни телефони.
Пресудата исто така би можела да има и далекусежно влијание, односно може да го разниша за сега нецелосно регулираниот свет на тн. „гиг економија“ (gig economy), односно оној дел од пазарот на труд во кој луѓето работат како фриленсери, хонорарци или со краткорочни договори, наспроти сегментот на постојани работни места, пишува „Њујорк тајмс“.
Креаторите на политиките ширум светот дебатираат како да ја постават рамката за новиот стил на вработување, со оглед дека бизнис моделите брзо се менуваат и ги надминаа прописите кои се применуваат со децении и се однесуваат на традиционалните работни места, или она што се нарекува „работа од 9 до 5“. Многу земји ги заострија законските одредби за атипичните аранжмани за работа кои што ги користат компаниите за да ги намалат нивните трошоци.
Неизвесноста која што владее на пазарот поттикна бран судски постапки, оставајќи ги судовите да ги „крпат“ недоволно јасните прописи.
„Нормално е дека властите не знаат што да прават - не можат да создадат правила само заради тоа што некој тврди дека работи со нов бизнис модел", вели Валерио Де Стефано, професор по право на Универзитетот во Лувен во Белгија. „Судскиот процес ќе ги натера властите подобро да ја разберат реалноста на работењето на платформската економија“, вели тој.
Случајот со Убер пред Европскиот суд на правдата се темели на жалба поднесена од такси група со седиште во Барселона. Групата тврди дека не е фер Убер да не се придржува до истите правила и обврски како и тие додека компанијата ја овозможува услугата во овој град.