Се наоѓаме пред работ на бездната и дефлацијата полека ги зафаќа столбовите на европската финансиска конструкција, процени месецов полскиот министер за финансии предупредувајќи ги своите колеги од ЕУ да не заборават дека истиот проблем "доведе на власт тоталитарни режими, го уништи континентот и предизвика незапамтени злосторства пред 75 години".
На прв поглед, дефлацијата не звучи лошо. Цените паѓаат, што има да не ни се бендисува? Но, суровата економска логика вели штом цените паѓаат, луѓето престануваат да трошат (надевајќи се дека ќе биде уште поевтино), бизнисите на тоа одговараат со намалено производство и отпуштање луѓе. Тоа значи уште помала побарувачка и ново паѓање на цените и на тој начин цела економија почнува да оди надолу, да ја снемува.
САД со тоа се бореа кон крајот на 20-тите години минатиот век, Јапонија го има проблемот уште од 90-тите години и денес има долг двојно поголем од она што го произведува.
Европа е на работ. Според еден Блумбергов прашалник, 75 од прашаните економски експерти сметаат дека евро зоната се лизга кон дефлација.
Економскиот нобеловец Пол Кругман смета дека европската економија денес има полоши перформанси од онаа во 1930-та година и дека тоа не е единствената работа денес што потсетува на тогашните мрачни времиња, мислејќи на растечкиот национализам на континентот.