Во текстот за 538, Оливер Родер како пример ја зема Поанг столицата, која Икеа ја продава речиси 4 децении, а само последнава година е продадена во 1,5 милион примероци. Таа по дизајн е наследник на столицата Алто 406, изработена од финскиот дизајнер Алвар Алто во 1939. Додека Алто 406 он-лајн се продава за 4.000 долари, Поанг денес чини 79 долари.
Поанг прв пат се појавува во каталогот на Икеа во 1978, но и покрај тоа што станува еден од препознатливите производи на компанијата и редовно е солидно продаван, цената на столицата постојано е во пад, од 350 долари во 1990, денес е падната на 79.
Како што објаснува Родер, бидејќи Икеа е класа за себе, механизмот по кој функционира нејзиниот каталог и системот на елиминација од него, не може чисто да се објасни со бројот на продадени парчиња од некој продукт.
Антони Ландри, советник аналитичар во Банката на Канада, и Мариен Бакстер, економист од Универзитетот Бостон, ги следат цените на Икеа извадени од стари каталози, и заклучуваат дека единствен, иако лабав, НЗС кај сите производи што преживуваат долго време е "дали тие се рентабилни за производство."
Теоријата на Бакстер, за која што таа сама признава дека не може да ги докаже сите детали - е дека "во каталогот на Икеа во игра е одредена еволуциска динамика, во која преживува само најспособниот мебел," односно дека компанијата има тенденција да прекине со производство на оние продукти чија продажна цена и производство остануваат високи.
На пример Поанг столицата во 1992 е редизајнирана и наместо од метал се произведува од дрво, што меѓу другото сериозно го поевтинува нејзиниот превоз. Слично е и со Лак масичките, кои од 56 долари во 1985 (со адаптирана инфлација), денес се продаваат за 10 долари, меѓутоа ако некогаш тие биле произведувани од дрво, денес се базираат на картон.
Уште еден шаблон што тие го забележуваат кај Икеа е нивното менаџирање на цените, па додека поскапувањето на производите оди малку по малку во текот на годините, симнувањето на цената најчесто е големо и тоа задолжително се промовира. Уште една работа што малку кој ја забележува околу Икеа е дека таа има различни цени за различни пазари, и дека дури и соседни држави (САД и Канада или Грција и Бугарија) имаат различни цени на исти производи (во комшискиот случај Бугарија е поевтина).
"Икеа продолжува да е речиси уникатна. Пред 15 години би ви кажала дека тие до сега насекаде ќе имаат конкуренција. И страшно ќе згрешев. Ги има само нив," објаснува Бакстер.