За 35% од Џул, Алтриа плати 12,8 милијарди долари, што во тоа време (декември 2018) изгледаше како многу логична и паметна одлука.
Меѓутоа изминатиов месец Џул е под константен бараж од лоши вести и уште полоши одлуки за неговата иднина. Прво беше пријавен првиот смртен случај како последица на пушење е-цигари во САД, па со тек на време стигнаа до речиси 10. Инаку е-цигарите беа промовирани како нештетна, а уште помалку смртоносна алтернатива на цигарите.
Ова со смртните случаи, надополнето со константно алармирање дека тинејџери се навлекуваат на е-цигари заради најразличните вкусови што тие ги нудат, беше причина за Трамп да ја забрани продажбата на вкусови за е-цигари во САД. Во исто време најразлични американски сојузни држави гледаат секоја на свој начин да го ограничи користењето на е-цигари.
По ова на почетокот од минатата недела, производите на Џул без објаснување ги снема од понудата на некои од најголемите кинески сајтови за е-трговија (меѓу кои и еден на Алибаба), а вака лошата серија минатата недела ја заокружи Индија која комплетно забрани продажба на какви било е-цигари.
Проблемите со е-цигарите, а со тоа и со Џул, најверојатно ќе го одложат и спојувањето на Алтриа и Филип Морис интернешнл (башка од Филип Морис УСА), што требаше да создаде глобална мега-тутунска компанија. Филип Морис интернешнл, пред нешто повеќе од една деценија се оддели од Алтриа со цел независно да го покрива меѓународниот пазар, додека Филип Морис УСА остана да го работи американскиот пазар под Алтриа.