Бил Гејтс стана еден најголемите земјопоседници во САД

Третиот по богатство човек во светот моментално поседува речиси 1.000 километри квадратни обработливо земјиште (сите 10 општини на Скопје се неполни 600 километри квадратни секакво земјиште).

Американскиот магазин Ленд рипорт, кој ги следи трансакциите на земјиштето и објавува годишни извештаи, открива дека Бил и Мелинда Гејтс имаат обработливо земјиште во вредност од 690 милиони долари.

На прво место според магазинот е првиот човек на Либерти медија, Џон Мелоун, кој има 8.903 километри квадратни во ранчови и шуми. Тед Турнер кој со децении купува земјиште низ САД, е на трето место со 8.093 километри квадратни.

Уредниците на Ленд рипорт, го забележуваат Гејтс истражувајќи го купувањето на 60 километри квадратни во сојузната држава Вашингтон. Земјиштето е купено од мала компанија во Вашингтон во име на Каскејд инвестментс, инвестициската компанија која го менаџира најголемиот дел од имотот на Гејтс. Подоцна кога ги пресметуваат сите претходни набавки, тие доаѓаат до бројката од 980 километри квадратни обработливо земјиште купено во име на Гејтсови.

Вака големи пространства купени од Гејтс веднаш изродија секакви заговори, од типот дека на основачот на Микрософт му е потребно толкаво земјиште за терање на футуристички експерименти како создавање на сопствен град или креирање на нова храна.

Овие што повеќе се занимаваат со пари, а помалку со заговори, објаснуваат дека логиката зад купувањето е што земјиштето е добра инвестиција, не е директно врзана со берзата и не е многу избувлива.

Друг ќар од купувањето земјиште е што тоа го подобрува изгледот на неговото портфолио во однос на карбон-неутрални поени и намерата да има еколошки одржливо инвестициско портфолио. За сега сето ова е на основа на добра волја, меѓутоа е многу веројатно „зелените поени“ да станат реалност со можното воведување на нов данок на јаглерод.

Еден акр (4046 мери квадратни) во Вашингтон во регионот каде Гејтс го купил својот имот се продава по цена меѓу 10 и 15 илјади долари, што е над просекот за сојузната држава од 2.000 долари за акр.

Запрашан за време на еден разговор на Редит, зошто купува толку многу земјоделско земјишта, Гејтс одговара:

„Земјоделскиот сектор е важен. Со продуктивни семиња може да избегнеме дефорестација и да и помогнеме на Африка да се справи со климатските проблеми со кои се соочува. Се уште точно не е утврдено колку евтини можат да бидат био-горивата, меѓутоа ако тие можат да бидат евтини тогаш ќе го решиме проблемот со загадувањето од авионите и камионите.“

Тој објаснил и дека одлуката за купување земјиште не е негова туку доаѓа од инвестициската групација која ги менаџира неговите пари. Каскејд инвестментс се акционери и во компаниите за „месо од растенија“ Бијонд мит и Импасбл фудс, како и производителот на земјоделска опрема Џон Диар.

9 април 2021 - 15:07