
Светот денеска се наоѓа среде трговска војна за која големиот министер на Луј XIV, Жан-Батист Колбер, водечки практичар на меркантилизмот во средината на 17 век, би имал целосно разбирање. Зграпчете за вашата земја колку што можете поголем дел од светската трговија, намалете го увозот, зголемете го извозот и ќе бидете побогати и помоќни.
Еден век подоцна, Адам Смит темелно ја критикува оваа теорија но, на крајот на краиштата, двајца од најмоќните луѓе во светот денес, американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот колега во Кина, Кси Џинпинг, се во кампот на Колбер.
Смит ја објавува „Богатството на нациите“ во 1776 година не само како економска теорија, туку и како план за модерноста која го заменува феудализмот, насилството и угнетувањето. Слободата на трговија би го зголемила целокупното богатство, меѓународната соработка, индивидуалната слобода и еднаквоста.
Меѓу другото, и ќе ги спречи лобијата на производителите да работат против општото добро. Како што рече францускиот економист од 19 век Фредерик Бастија, производителите на свеќи со задоволство би вовеле тарифи на сончевата светлина.
Меркантилистите го поистоветувале богатството со акумулацијата на злато, од кое постои ограничено количество. По Смит, ова е апсурдно. Денес сепак не изгледа толку апсурдно: што ако богатството и моќта на државите во иднина зависи од поседувањето на ограничените ресурси, како што се ретките минерали и извори на енергија?
Јавното мислење во 20 век често инклинира кон протекционизмот заради заштита на домашното производство а падот на Волстрит во 1929 година и глобалната банкарска криза, натера многу земји да ги зголемат царините.
САД во 1930 го узвоија тарифниот закон на Смут Хејли иако против тоа беа економистите, бизнисот и самиот претседател Херберт Хувер, кој сепак не се осмели да се спротивстави на сопствената Републиканска партија во Конгресот. Одмаздата на американските трговски партнери, со Канада на чело, предизвика пад на трговијата, домашна политичка реакција и победа на демократите во 1932 година, ставајќи крај на над 70-годишното владеење на републиканците.
Просечната царина на Смут Хејли за вкупниот американски увоз беше 20 проценти, приближно исто како и општата стапка што ја објави Доналд Трамп.
Среде катастрофалната светска депресија и пад на нејзиниот извоз, и Британија усвои систем на „империјална предност“ во 1932 година, со повисоки царини за стоки кои доаѓаат надвор од империјата.
„Кое е наравоучението од овие приказни? Дека ниту слободната трговија ниту протекционизмот не се сигурен лек и дека кога се применуваат догматски, имаат тенденција да бидат штетни. Ниту едно решение не е морално супериорно: и двете можат да се искористат за фаворизирање на некои интереси и да им наштетат на други. Утописката верзија на слободната трговија никогаш не се оствари. Успешните протекционистички земји како Германија и САД користеа царини за да поттикнат нови индустрии, но нивните економски предности беа веќе големи и веројатно царините и не беа неопходни“, пишува Роберт Томбс.
Демократијата е таква што ќе се стреми кон протекционизам секогаш кога оние што се оштетени од слободната трговија се доволно бројни. Но, демократијата исто така бара и евтина стока. Никој сè уште не го затворил засекогаш тој круг.