„Факт е дека трговската војна со САД нема да има никакво влијание врз кинескиот БДП, без разлика колку ќе биде сурова, затоа што владата ќе направи се што е потребно за да ги постигне таргетите за раст,“ пишува Петис во текстот за Блумберг.
Тој нагласува дека не треба да се следи БДП-то, туку ако некој сака да гледа како страда кинеската економија треба да посвети внимание на растот на кинескиот долг:
„Со други зборови, колку посурова ќе биде војната толку поголема задолженост ќе и биде потребна на Кина за да го постигне планираниот раст.“
Главната разлика во случајот со Кина е што ако во цел свет БДП-то е мерка за вкупниот производ на економијата (и подлежи на сите економски ограничувања и законитости), таму стапката на БДП е одредена од владата на почетокот од годината „на ниво што се смета дека одговара на нејзините социјални и политички цели“.
„Политичката природа на овие таргети ги модификува економските ограничувања, поттикнувајќи ги локалните власти да генерираат каква било економска активност потребна за да се постигне зацртаната цел,“ објаснува Петис.
Целата математика се сведува на тоа дека се додека Кина има капацитет за задолжување, и владата е подготвена тоа да го искористи, земјата ќе ја постигнува секоја стапка на раст на БДП што ќе ја замисли.
„Па, иако бројките за БДП-то може ни кажуваат нешто околу социјалните и политичките приоритети на владата, тие се лоша мерка за вкупните перформанси на економијата, а уште помалку ни кажуваат за влијанието што трговската војна го има врз кинеската економија,“ објаснува Петис.