Зошто Шолак му ја продаде империјата на смртниот непријател Вучиќ?

Во големата шаховска партија што со години во Србија трае меѓу претседателот Александар Вучиќ и оние кои се против него, досега предводени од српската опозиција а веќе неколку месеци од  студентите, последната одлука на бизнисменот Драган Шолак да продаде поголем дел од своите бизниси во Србија може да се протолкува како „мат“ на Вучиќ за неговите политички и медиумски противници.

Иако Драган Шолак никогаш никаде јавно не се изјаснил против Александар Вучиќ, српскиот претседател ретко пропуштал можност да ги означи Шолак и опозиционерот (исто така бизнисмен), Драган Ѓилас, како негови најголеми противници во политичката битка на која засега не ѝ се гледа крајот.

Опсесијата на Вучиќ со Шолак првенствено произлегува од уредувачката, страсно анти-Вучиќевска политика на телевизиските станици Н1 и Нова РС, во сопственост на Шолаковата Јунајтед Груп. Тие неодамна објавија дека продаваат добар дел од своите бизниси во сите поранешни југословенски републики, освен Словенија и Хрватска. 

Н1 и Нова остануваат во сопственост на компанијата и ќе продолжат да ги емитуваат своите програми во Србија, само што, како што неодамна пренесовме, газдите веќе не сакаат да даваат пари за покривање на дупката меѓу расходите и приходите (за што досега истуриле 20 милиони евра).

Дека Шолак и Јунајтед групата се во незавидна положба се знае уште од 2023 година кога кредитната агенција Мудис го намали кредитниот рејтинг на клучната компанија во деловната групација на Шолак, Адриа, од стабилен во негативен.

Иако Мудис ја потврди способноста на Адриа да го отплати својот долг од 4,5 милијарди евра врз основа на долгорочни обврзници што ги продаде на инвеститорите, компанијата на Шолак ги разбра сигналите од рејтинг агенцијата и продолжи да продава средства за да има доволно пари на своите сметки за да ги отплати краткорочните долгови проценети на 4,1 милијарди евра.

Веќе во пролетта 2023 година Јунајтед групата продаде дел од телекомуникациската инфраструктура („столбовите“) на ТАВАЛ од Саудиска Арабија и заработи 1,3 милијарди свежи долари. Речиси две години по таа трансакција, Јунајтед ги продаде и компанијата СББ во Србија, компанијата Eon TV International и правата за емитување во Западен Балкан на каналите Спорт Клуб за 1,5 милијарди евра, што значи дека продажбата на „столбовите“ не била доволна. Купувач на SBB е чешката телеком групација e&PPF, додека Eon TV и Sportklub беа продадени на Телеком Србија.

Тоа што Шолак продаде дел од својата деловна империја на Телеком Србија, во сопственост на државата Србија, на чело со неговиот смртен непријател, беше своевиден шок за тамошната опозициска јавност, но не и за оние кои се подобро запознати со ситуацијата на теренот: постои заситување од телекомуникациски и интернет телевизиски услуги во овој дел од Европа, со мала можност за зголемување на бројот на корисници, маргините и пазарниот удел. Во сите поранешни југословенски републики, доминантни компании на пазарот се некогашните монополисти, растот на локалните економии не е таков куповната моќ на населението да може значително да се зголемува за да може да троши повеќе на телекомуникации и сродни услуги а и демографскиот фактор е неповолен.

Накратко, кој денес нема мобилен или што можеш ново да понудиш за да зголемиш цена на некој пакет?

Кога Телеком со Арена го победи Шолак за најсилните фудбалски лиги во светот - англиската Премиер лига, шпанската Ла Лига и италијанската Серија А, како и правата за пренос на Лигата на шампионите на УЕФА, некои мислеа дека поради огромната понудена сума, ќе банкротира.

Тоа не само што не се случи, туку Телекомот ги зголеми приходите на две милијарди евра, драстично го зголеми пазарниот удел во понудата на телевизиски канали и интернет услуги и неодамна собра околу 900 милиони евра на меѓународниот пазар на капитал за нови аквизиции. Приказната за колапсот на Телеком Србија поради наводната наредба на Александар Вучиќ по секоја цена да ги обезбеди гореспоменатите телевизиски права, се разбира, најмногу ја буткаа медиумите кои се против Вучиќ.

Продажбата на СББ сигурно не била лесна одлука за Шолак бидејќи токму тоа е компанијата од која се разви империјата Јунајтед, која се проценува на 1,2 милијарди евра. Пред 25 години Шолак имаше основано мала компанија во Крагуевац за кабелска телевизија, потоа и други компании во Србија за истиот бизнис, кои подоцна ги спои во српски кабелски мрежи, или Serbia Broadband - SBB.

Бидејќи Шолак ретко зборува јавно, нема многу информации за тајната на неговиот успех и како успеа од мал бизнис во Шумадија да прерасне во бизнис вреден повеќе од милијарда евра.

Проблемите на Јунајтед кои завршија со урнисување на кредитниот рејтинг, започнаа со купување на бугарскaта телекомуникациска компанија Булсатком а потоа имаа и не најуспешни аквизиции во Хрватска (Агрокор, Певец...). 

Пред да го продаде бизнисот во Србија, компанијата на Шолак остваруваше околу три милијарди евра годишен приход, вработуваше речиси 15 илјади работници и опслужуваше околу 5,5 милиони клиенти во осум земји.

Во арбитражниот суд за странски вложувања (ICSID) во Вашингтон се води спор меѓу Јунајтед и државата Србија. Своевремено од Јунајтед велеа дека поразот на Србија би можел да биде болен и да заврши со заплена на државен имот. Доколку во ICSID сепак се постигне некаков договор, тоа ќе биде уште еден знак дека Шолак се помирил со судбината и дека се повлекува од војната со Александар Вучиќ, пишува Ведран Марјановиќ во Јутарњи.

 

 

16 февруари 2025 - 12:59