Нема кинески чипови - нема европски коли

Фабриките за автомобили во ЕУ се „на неколку дена“ од затворање на производствените линии поради ескалацијата на кризата со снабдувањето со компјутерски чипови од Кина. Здружението во кое се БМВ, Фиат, Пежо и Фолксваген објави дека фабриките ги трошат последните резерви. Кризата ја предизвика Холандија, која ја презеде контролата врз кинеската компанија Некспериа.

Ќе бидеме принудени можеби по само неколку дена да ги затвориме производствените линии. Ги повикуваме сите одговорни институции да ги удвојат своите напори за да најдат дипломатски излез од оваа критична ситуација, објави Сигрид де Врис, генерална секретарка на Европската асоцијација АЦЕА.

Директорот на Мерцедес, Ола Калениус, објави дека компанијата бара алтернативни извори на клучните полупроводници. Криза со чипови има и во Јапонија. Директор од Нисан, изјави пред новинарите на саемот во Токио дека компанијата има обезбедено снабдување само до првата недела од ноември.

Во јадрото на проблемот е одлуката на Холандија да ја преземе управата врз кинескиот производител на чипови Некспериа поради „загриженост за економската безбедност и националните интереси“. Матичната компанија на Некспериа веднаш ѝ забрани да доставува чипови за европските производители на автомобили.

Ендру Смол, експерт во Германскиот Маршалов фонд, очекува ЕУ да ја повлече одлуката за Некспериа. 

Портпаролот на Wingtech, кинеската компанија што ја поседува Некспериа, изјави дека Европа е виновна за кризата со чипови.

Недостигот е самонаметнат. Тој е резултат на непромислените мерки на холандската влада, која го загрози глобалниот континуитет на работењето, изјави портпаролот.

Индустријата е погодена и од ограничувањата што Пекинг ги наметна за извоз на кинески ретки минерали и магнети. Овие метали, особено магнетите, се користат низ целата автомобилска индустрија за системите за отворање прозорци, врати и багажник, а чиповите се критични за целата електроника во возилата, од палењето и менувањето брзини до функциите на контролната табла.

Висока кинеска делегација денеска пристигна на разговори во Брисел заради надминување на проблемот, но европските компании стравуваат дека дипломатските потези на ЕУ во изминатите неколку месеци не се толку ефикасни како политиката на американскиот претседател Доналд Трамп, кој постигна трговски договор со Пекинг.

******
Види и: Холандија презеде контрола врз кинески производител на чипови

31 октомври 2025 - 10:12