Холандија презеде контрола врз кинески производител на чипови

Владата на Холандија ја презеде контролата врз кинескиот производител на компјутерски чипови за автомобили и електроника Nexperia, со седиште во Нијмеген, поради загриженост од можен трансфер на технологија до кинеската матична компанија Вингтеч. Интервенцијата била „апсолутно неопходна“ поради загрозување на економската безбедност на Холандија и на Европа.

Некспериа ќе го продолжи своето производство во погоните во Нијмеген, но холандската влада ќе има моќ да блокира и да поништува менаџерски одлуки ако ги смета за „загрозувачки“. Директорот Џанг Сјуеженг бил суспендиран, а подоцна и отстранет од позицијата со одлука на Претприемничката комора на Апелациониот суд во Амстердам.

За да ја преземе контролата, холандската Влада првпат во историјата се повика на Законот за достапност на стоки од 1952 година и објави дека „ќе дејствува само кога е апсолутно неопходно“.

Целта на овој потег е да се обезбеди достапност на чипови за холандската и европската индустрија за време на вонредни ситуации, соопшти владата.

Вингтеч од крајот на минатата година е на американскиот список со компании под надзор поради „помош на напорите на кинеската влада да управува со чувствителни капацитети за производство полупроводници“. Некспериа објави дека целосно ќе ги почитува американските регулативи.

Реакцијата на холандската интервенција беше побурна.

Ова е претерано мешање поттикнато од геополитичка пристрасност, објави компанијата што порано беше дел од гигантот за електроника Филипс.

Некспериа масовно произведува базични чипови за електронски уреди, но е важен доставувач на делови за автомобилската индустрија во Европа. Во 2017 година му беше продадена на кинески конзорциум, кој една година потоа му ја продаде на Вингтеч за 3,63 милијарди евра.

Се спротивставуваме на злоупотреба на концептот на „национална безбедност“ и на наметнување селективни и дискриминаторски ограничувања врз странските филијали на кинеските претпријатија, соопшти Министерството за надворешни работи.

14 октомври 2025 - 14:50