Германската „Анти-Грета“ бара политички азил во САД

Популарната германска активистка Наоми Зајбт, позната и како „Анти-Грета“ поради гласните критики на зелените иницијативи и миграцијата, побара политички азил во САД затоа што повеќе не се чувствува безбедна во својата земја. Тврди дека владините служби ги прогонуваат активистите, а полицијата воопшто не реагирала на смртните закани што ги добива од Антифа.

Дваесет и петгодишната Зајбт тврди дека е на удар од германските власти поради отворените критики на главните политички партии и поддршката на десничарската Алтернатива за Германија (АфД). Таа поднесе барање за азил во САД согласно Законот за имиграција, тврдејќи дека се соочува со приведување или физички напад поради јавно изнесени ставови. Притисокот уште повеќе се зголемил откако почнала да добива смртни закани од групата Антифа. Полицијата не презела ништо за да ја заштити.

Почнува со Антифа, која е посилна во Германија отколку на кое било друго место во светот... Добив многу смртни закани од Антифа. Кога им ги покажав на полицајците, тие рекоа дека не можат да сторат ништо затоа што „не сум била силувана или убиена“, вели Зајбт.

Таа тврдеше дека германската разузнавачка служба ја следела со години.

Има голема веројатност дека ќе се обидат да ме уапсат на аеродром или ќе дојдат по мене и моето семејство, вклучувајќи ја и мојата помала сестра, која воопшто не е политички активна, изјави таа за „Телеграф“ од Вашингтон, каде што живее во исчекување на исходот од нејзиното барање за азил.

Американскиот претседател Доналд Трамп веќе најави дека размислува да им понуди политички азил на Европејците кои се противат на миграцијата или биле таргетирани поради мирно изразување на ставови на интернет. Тој, исто така, настојува да го прогласи левичарското идеолошко движење Антифа за терористичка организација во САД. И потпретседателот Џеј Ди Венс ја критикуваше Германија како пример за напуштањето на демократските принципи во Европа. 

Зајбт тврди дека Германија не ја штити слободата на говорот и дека новинарите и активистите се прогонувани поради изразување на свои ставови преку интернет. На нејзиниот популарен профил на Икс таа го истакна случајот на Норберт Болц, политички коментатор од „Велт“, чиј дом неодамна беше претресен од полицијата поради провокативна објава на слоган од нацистичкото време во ироничен контекст.

За сатиричарот Арон Пилка наведе дека бил прогонуван поради критики кон исламот на неговиот канал Shlomo Finkelstein на Јутјуб. Пилка во 2020 година беше осуден на условна казна од една година затвор поради „поттикнување омраза, навреда на верска основа и споделување симболи на неуставни организации“. Лани во август беше затворен поради прекршување на условите за казната. Зајбт тврди дека Пилка бил цел на германската разузнавачка служба поради неговите политички ставови и се плаши дека истото ќе ѝ се случи и на неа ако се врати дома. Смртни закани од Антифа добивала со години.

На забелешката дека е против имигрантите, а сега самата бара азил, Зајбт одговара дека таа лично, а и АфД, како партија чии ставови ги поддржува, не се против мигрантите.

Ние само сакаме имиграција што поминува низ строги и ригорозни контроли. Проблемот почна во 2015 година, кога канцеларката Ангела Меркел ги отвори границите. Многу од бегалците беа исламисти. Исклучително опасно е да не се провери кој влегува. Не можете да претпоставите дека сите се добри луѓе. Секоја влада има должност прво да го заштити сопствениот народ, вели германската Анти-Грета.

******
Види и: Само она што го кажува државата е точно, сè друго е дезинформација!

31 октомври 2025 - 08:04