Среќна нова 2020-та и честит Шенген 2.0

Новата Шенген виза за државите од Западен Балкан ЕУ ја нарекува „одобрение“ и ќе се добива за 72 часа, освен ако те одбијат па во тој случај ќе мора да тргнеш по старите стапки на собирање документи.

Со највнимателно избрани зборови еврокомесарот за внатрешни работи, Димитрис Аврамопулос, во интервју за Дојче Веле порачува: „Европски систем за патни информации и одобренија (ЕТИАС) - тоа не се визи“, притоа не заборавајќи да го додаде стандардниот европски потпис на изјавите околу Западен Балкан дека: „Западен Балкан е клучен регион и близок партнер на ЕУ. Секоја наша намера е во насока на зачувување на таа блискост и партнерство, како и за постигнување на целта за олеснето движење и контакти на граѓаните на ЕУ и Западен Балкан.“

Некако мешајќи ги луѓето што влегуваат без визи во ЕУ со луѓето кои се решени дека ќе влезат во ЕУ па макар да треба и пола континент да го препешачат, Аврамопулос потсетува дека „ЕТИАС е предложен пред една година, како последица на прилив на патници што влегуваат во ЕУ без виза.“

ЕТИАС предвидува пополнување на интернет формулар во кој треба да внесеш: име, адреса, датум на раѓање, податоци од пасошот, контакт, каде патуваш и информации за болести, дали престојувал во подрачја зафатени со војна и дали бил кривично гонет, одбиен или депортиран од ЕУ.

И пополнувањето и плаќањето на такса се врши електронски, а одговорот би требало да стигне во рок од 72 часа. За сега предлогот е таксата да биде 5 или 10 евра, а одобрението е за неограничен број влегувања во Шенген зоната и важи 3 или 5 години. Крајната цена и траењето ќе бидат одлучени во конечната верзија на системот.

Очекувањата се дека над 95% од барањата ќе бидат одобрени автоматски. Доколку има компликации или нејасни случаи се „преминува на мануелна обработка на барањето, при што рокот за одговор може да се продолжи на две седмици. Во случај на негативен одговор, подносителот на барањето има право на жалба.“ Претпоставката на ЕУ е дека тука ќе бидат одбивани околу 0,2% од случаите.

Во телешоп спакуваната презентација на системот, Аврамопулос објаснува: "ЕТИАС не се визи, туку едноставен и евтин безбедносен механизам кој се применува на сите земји чии граѓани патуваат без визи во Шенгенскиот простор, вклучувајќи ги и Канада и САД. Граѓаните кои веќе уживаат безвизен режим и натаму ќе патуваат без визи, со добивање едноставно патно одобрение пред влезот во Шенгенскиот простор. Во прашање е мал процедурален чекор, кој во најголем број случаи ќе го олесни патувањето во ЕУ, ќе ја засили заедничката безбедност и ќе ја избегне бирократијата и задржувањата при доаѓањето."

Продолжувајќи со телешоп темата, ЕУ функционерите не забораваат да потсетат дека наспроти вака напредно осмисленото „одобрение“ стои системот на визи, кои како што објаснува Александра Штиглмајер од Европската иницијатива за стабилност: „претпоставуваа набавување на обемна документација, од тоа колку пари има патникот, колкава му е платата, дали има повратен билет... Сега ќе треба само да се отиде на интернет и да се пополни формулар. Едноставно и без други трошоци, освен за такса.“

Штиглмајер која пред неполни десетина години беше една од поборничките за визна либерализација на Западниот Балкан, денес во интервју за Дојче Веле објаснува дека „ЕУ оправдано е принудена на воведување ваков систем поради зголемениот безбедносен ризик од терористички напади и поради бегалската криза.“

25 октомври 2017 - 12:14