Словенците и мртви се пред нас

Гробиштата Побрежје датираат од 1879, и со својата богата 130-годишна историја се дел од историското и архитектонско наследство на Марибор. Но, ништо не е впишано во камен, па ни изгледот на гробиштата.

Од неодамна мариборските вечни почивалишта во различните опции кои им ги нудат на своите жители почнаа да вклучуваат и дигитален гроб. Создаден од словенечката компанија Биоенергија, тој содржи 48-инчен интерактивен монитор, кој додека нема посетители едноставно го покажува името на покојникот, датумот на раѓање и умирачка. Но кога некој стои пред „споменикот“, тој се активира преку сензори, и почнува да врти слики, видеа и други типови дигитални оди за починатиот.

Дизајнерите планираат да направат и апликација, за аудио-то да може да се слуша и преку телефон. Што се однесува до практичните аспекти, мониторот е и водоотопорен и издржлив на вандалски напади, иако компанијата се уште се нема изјаснето дали е отпорен и на хакери.

„Овој гроб овозможува да ставите што сакате до името на умрениот“, изјавил Милан Зорман, еден од создавачите на „изумот“. „Ако сакате можете да напишете и цел роман“.

Ако веќе се замисливте како ви кликаат постхумни лајкови на гробот, тоа задоволство би ве чинело 3200 американски долари. Секако, ова не е прво воведување на дигитални опции во погребните услуги, за кои нема смрт. Веќе пишувавме за можност за пристап до веб сајт на починатиот преку QR-код исцртан на надгробната плоча. Дигитализацијава сепак не значи дека животот ќе престане да пишува романи. Само епитафите ќе почнат повеќе да личат на твитови.

 

13 април 2017 - 10:16