(Не)мирен сон

Задгробен QR код

Некој да ви кажеше дека и епитафот - таа бесмртна книжевна форма - еден ден ќе умре, ќе се насмеевте. Сега и нему треба да му се смислува епитаф.

Никогаш не сум ги сакала надгробните споменици, затоа што тие даваат лажни координати за тоа каде навистина е починатиот - неговото тело е можеби под плочата, но тој сигурно не е таму. Кремирањето и расфрлањето на пепелта ми изгледа како попоетска опција, но додека не се отвори ваков тип фурна кај нас, можеме да размислиме и за следнава, технолошки апгрејдувана опција, која исто така го релативизира и просторот (каде се сели душата на умрениот) и жанрот (на посмртна проза и поезија).

Дејвид Куиринг, сопственик на погребно претпријатие од Сиетл, за 75 долари продава услуга која на семејствата на починатиот им овозможува отварање веб-сајт во негова чест, пристапен преку скенирање на QR-код исцртан на надгробната плоча. Тој најчесто мора детално да објаснува што подразбира овој код на секој од клиентите, а помалку од 30 проценти од нив засега се одлучуваат за оваа опција. Но тоа наскоро може и да се промени..

Технологијата на изработка и дизајн на надгробните споменици во САД е прилично променета во последниве 100 години - камењата кои се користат се најчесто од Бразил, Инидија или Кина, и тие се пренесуваат на огромни бродови како пластични играчки или телевизори. Рачното режење камен е исто така минато, бидејќи буквите се нанесуваат со ласер. Не дека во историјата на погребувањето немало (тајни) кодови испишани по надгробните споменици, ама за да ги прочитате овие ви треба баркод читач, а не енциклопедија на симболи.

* засега знаеме една бабичка на чиј споменик кодов сигурно добро ќе стои. 

3 јули 2012 - 11:44