Кабинетот на Ципрас е првата европска влада која отворено ќе им се спротивстави на драконските услови за спасување од банкрот поставени од ЕУ и ММФ. Варуфакис ќе биде клучниот човек што треба да го испорача ветувањето на Ципрас, за повторно преговарање на условите за добивање помош од 240 милијарди долари. Долгот на Грција е 320 милијарди долари.
53-годишниот Варуфакис е школуван во Британија, има двојно државјанство (австралиско и грчко) и е активен блогер и медиумски коментатор. Тој дава отказ како професор на Универзитетот во Тексас за да му се приклучи на тимот на Ципрас. Победата во неделата ја прослави парафразирајќи го поетот Дилан Томас: "Грчката демократија денес одлучи да престане тивко да исчезнува во ноќта. Грчката демократија одлучи да се побуни против згаснувањето на светлото."
Во 2012-та Гејб Њувел го покани Варуфакис за да им помогне да ги поврзат виртуелните пари од игрите на Стим (Халф Лајф, Тим Фортрес...) со вистинските пари. Њувел редовно го читал блогот на Варуфакис и сфатил дека создавањето на заедничка валута во универзумот на Стим и нејзина размена за вистински пари, е слично на проблемот што Грција и Германија го имаат со еврото.
Пред да се појави на изборното ливче на Сириза, ова е објаснувањето што Варуфакис го напиша на својот блог:
Зошто се кандидирам за парламент
Критичкиот ангажман е форма на редовна пракса. Меѓутоа доаѓа време кога, за да се задржи неговата релевантност, критичкото мислење мора да се трансформира себе си во директна политичка акција.
Никогаш не ми беше намера да влезам во изборната трка. Од почетокот на кризата, имав надежи за одржување на отворен дијалог со разумни политичари од различни политички партии. За жал, "спасувањето од кризата" го направи ваквиот отворен дијалог невозможен.
Како што неминовната криза во Еврозоната беше адресирана со циничен трансфер на банкарските загуби на рамениците на најслабите даночни обврзници, политичарите и коментаторите кои ги врзаа своите мислења со јарболот на таканаречените спасувањата покажаа точно никаков интерес за рационална дебата.
Наместо дискутирање, во форумот на Европската Унија, за природата на нашата системска криза, актуелните сили беа премногу зафатени со фискален вотербординг на горди нации, дозволувајќи им да земат неколку кратки здива пред повторно да ги турнат во водите на неликвидноста. Така Европа почна да го губи својот интегритет и својата душа, претворајќи се од кралство на заеднички просперитет во челичен кафез, затвор на долговите, форма на викторијанска работилница.
На економскиот фронт, ова негирање на кризата доведе до зараза на суверените пазари на обврзници, почнувајќи од Грција каде комбинацијата на дивјачко штедење и огромни позајмици беше пуштена и тестирана, пред да биде извезена во остатокот од Еврозоната. Предвидливо ова само ја влоши заразата, достигнувајќи ја Италија со екстремни предрасуди и присилувајќи ја Европската Централна банка да реагира летото 2012-та со познатиот "се што е потребно" момент на г-дин Марио Драги. Само што кризата никогаш не исчезна туку, напротив, таа беше префрлена од пазарите за обврзници на вистинската економија, носејќи ги злокобните дефлациски сили кои сега фискално ги дестабилизираа Шпанија, Италија и Франција.
На социјалниот фронт, негирањето на кризата и логиката на помошта за спасување дополнително ја зголеми хуманитарната криза од која Европа треба да биде длабоко засрамена. Повторно предвидливо, резултатот е разгорување на огновите на мизантропијата, на расистичкиот национализам, на сите оние зли сили кои ја демолираат европската демократија и ја заменуваат со само-растечка авторитарност. Резултатот од последните избори за Европскиот парламент ја потврди оваа тажна вистина, но ништо не направи за да ги одврати властите од политиките на деструктивност кои се зад растечката нетрпеливост.
Сето ова почна во Грција. Ова мора да е и местото од кое ќе се тргне во спротивен правец на европските поделби. Редовните читатели на овој блог се запознаени со моите напори да се дојде до разумни, умерени предлози за решавање на евро кризите. Ваквите предлози немаат шанси, сега ми е јасно, се додека и освен ако не се поставени пред Еврогрупата, на Еконфин на ЕУ самитот.
Ова е причината зошто кога Алексис Ципрас ме почести со понудата да се кандидирам за пратеничко место во Атина, и со можноста да играм улога во грчките преговори со Берлин, Франкфурт и Брисел, јас не можев да не прифатам.
Мојот најголем страв, сека откако влегов во рингот, е дека може да се претворам во политичар. Како противотров за овој вирус, имам намера да ја напишам мојата оставка и да ја чувам во внатрешниот џеб, подготвена да ја поднесам во моментот кога ќе почувствувам знаци дека ја губам посветеноста за зборување на вистината пред моќта.