Од 2011-та до 2013-та бројот на барања за азил во Бугарија е зголемен за 8 пати. Само минатата година 7.000 лица побарале азил, од нив околу 3.800 се сместени во државните центри за бегалци.
Најголемиот број од азилантите се од Сирија и од африканските држави (посебно Мали и Демократската република Конго). Иако Африканците се помалку по број од Сиријците, тие претставуваат речиси 80% од луѓето кои побарале помош од Центарот за правна поддршка.
Во јануари годинава полицијата се обиде да го испразни центарот за имигранти во Софија, откако беше откриено дека во него има голем број непријавени лица. Имигрантите кои нелегално се во него се жалат дека им е страв да излезат од центарот и дека немаат каде да спијат зимно време.
"Нелегално спиев во центарот за бегалци. Бев таму кога полицијата направи рација рано наутро, но успеав да се скријам. Тие доаѓаат секој месец и ги исфрлаат оние на кои не им е дозволено да бидат таму. Тие изгледа посебно бараат црнци и затоа луѓето кои беа избркани утрово извикуваа 'расисти, расисти' кон полицијата. Луѓето беа уапсени и не знам што стана со нив.
Немам каде да одам на друго место, а премногу е студено да спијам надвор.
Се обидувам да минам што е можно повеќе време во бегалскиот центар. Не е убаво место - пренатрупано е и валкано - меѓутоа надвор е опасно. Најголемиот дел од Бугарите не не' сакаат и плукаат по нас. Не знам да зборувам бугарски, ама го научив зборот 'мајмун' бидејќи ми го имаат кажано премногу пати на улица. Некои од моите пријатели беа претепани на улица. Не разбирам зошто има толку многу омраза," изјавил за Франс 24, еден бегалец од Конго се уште заглавен во Софија на својот пат кон Брисел.
Паралелно со протестите во центарот во Софија, бугарската полиција мораше да смири протести на алжирските мигранти во Љубимец, а во исто време сириските мигранти се заканија дека ќе започнат штрајк со глад во центарот во Харманли.