"Грчките банки се големи играчи во финансиските системи во соседството. Во Бугарија подружниците на Националната банка на Грција, Алфа банка, Банката на Пиреја и Еуробанк Ергасиас поседуваат околу 22% од банкарската актива, отприлика исто имаат и во Македонија. Грчките банки се активни и во Романија, Албанија и Србија," пишува Вол Стрит Журнал.
ММФ од супервизорите бара да се осигураат дека подружниците на грчките банки имаат доволно актива која ќе можат да ја заменат за итно финансирање во нивните централни банки - во случај одеднаш да е прекинато финансирањето од нивните матични банки - и да имаат доволно фондови за осигурување на депозитите.
Преговорите за дополнителниот пакет за спасување на Грција речиси и да не напредуваат, и покрај предупредувањата на грчките функционери за владата е при крај со пари. Очекувањата за денешната средба се дека ништо нема да се промени.
Генерално ММФ очекува дека подружниците на грчките банки во југоисточна Европа ќе можат да го издржат колапсот на матичните банки.
"Нашите процени се дека грчките банки во регионот се прилично ликвидни; до сега немаме забележано масовен одлив на депозити," објаснува заменик директорот на одделот за Европа на ММФ, Јорг Декресин.
Една од причините за стабилноста е и тоа што грчките банки секаде во соседството функционираат како подружници, а не филијали. Разликата е што подружницата ги контролира депозитите, а не централата, и во случај на проблем може да се рефинансира од централната банка во земјата во која се наоѓа. Заради ова за нив е полесно и да се одделат од матичната банка.
Едно од сценаријата од кои стравува ММФ е што би се случило ако паниката околу грчките финансии ги натера штедачите од регионот да почнат да ги повлекуваат своите пари од грчките банки.