Од лондонските канцеларии на ФТ размената на територии изгледа сосема логично и безболно, а од хепиендот Србија и Косово ги дели само едно техничко прецртување граници (Гугл мапс ќе апдејтира за кратко) што пак ќе им ги реши сите проблеми и неповратно ќе им го трасира патот кон ветената иднина.
Подалеку од канцелариите на ФТ целата логика неодоливо потсетува на одлуката од почетокот на минатиот век за прецртување граници на Блискиот Исток, што пак ги разреши сите тамошни проблеми и ги започна децениите благосостојба која преовладува во регионот (те во Палестина, те во Сирија, те во Либан, те во Ирак, зависи од деценијата).
Визионерите од ФТ по размената Северно Косово - Прешевска долина, предвидуваат домино ефект на подем и просперитет, како кај се уште непризнаената држава, така и кај кандидатот за ЕУ. Па така откако териториите ќе се вдомат во своето ново опкружување и граници, Србија ја чека чист пат кон ЕУ, а Косово добива признавање како од Србија, Русија и Кина така и од 5-те членки на Унијата кои се уште го немаат тоа направено. Со вака решен статус Косово конечно ќе може да аплицира во меѓународни институции како О.Н. и Интерпол, а Србија ќе галопира кон евро-атлантска иднина.
Иако во текстот малку се свестат дека ваква размена значи оформување на етнички чисти територии по што и други од околината би решиле да го позајмат истиот рецепт, тие порачуваат дека „решавањето на конфликтите, сепак, често пати бара лидерите да преземаат храбри и табу чекори,“ и дека ќарот од ваквиот потег заслужува планот да добие силна меѓународна поддршка.
Во однос на тоа што ниту народот во Србија, ниту во Косово не е расположен за било што да менува или разменува, Фајненшл тајмс потсетува дека САД и ЕУ веќе не се толку алергични околу планот, притоа лидерите на двете страни ги куражи со примерот со отворањето на македонскиот устав за менување на името на државата и нацијата со цел решавање на спорот со Грција, што е направено „и покрај разочарувачката излезност на минатомесечниот референдум“.
Единствено што од ФТ ги советуваат Тачи и Вучиќ е да го ублажат впечатокот дека нешто тајно се договара без вклучување на јавноста во двете држави.
Вчера Хашим Тачи го твитна текстот на Фајненшл тајмс на својата официјална Твитер сметка: