Имаме квантна супериорност, само немаме големо фајде од неа

Машина со 12 кјубити во лабораторија во Тексас е првата што постигнала квантна супериорност - решила екстремно тешка задача, нерешлива за било кој од класичните компјутери. Тоа е  историски успех за квантната наука и аргумент за привлекување милјарди долари во истражувања, но ќе помине долго време за да се впрегнат овие супериорни машини во решавање реални проблеми.

Првпат во историјата навистина е достигната квантна супериорност. Не како онаа на Гугл, кој се обиде да ја присвои титулата во 2019 година за својот модел Сикамор, кој за 3 минути и 20 секунди заврши пресметка, за која на класичен компјутер му се потребни 10.000 години. Машина од лабораторија за вештачка интелигенција во Шангај лани го собори тој рекорд и ја заврши задачата за 13 секунди. Но и Сикамор и  неговиот импресивен кинески конкурент останаа суперкомпјутери.

Квантна супериорност е дефинирана како способност за решавање на екстремно тешка пресметковна задача, на квантен хардвер, која класичен компјутер не може да ја реши во реално догледна иднина. Она што ги разликува квантните компјутери од класичните е основната единица на информација. Дигиталните компјутери користат битови (единици и нули), а квантните - кјубити, кои може да постојат во повеќе состојби, што им дава експоненцијална предност за пресметувања. 

Тимот на Вилијам Кречмер од Универзитетот во Тексас во Остин објави дека успешно извршил експеримент што ги задоволува сите услови за квантна супериорност. 

Нашиот резултат може да се потврди и да се докаже. Никаков иден развој на класичните алгоритми не може да се приближи, тврди Кречмер.

Неговиот тим оперирал со 12 кјубити од јони контролирани од ласери на компанијата Quantinuum. Задачата била од типот на комплексни комуникации. Целта била да се пронајдат најефикасните начини на кои двајца истражувачи, наречени „Алис“ и „Боб“ завршуваат компјутерска пресметка преку меѓусебно испраќање пораки. Еден дел од квантниот компјутер (Алис), подготвува одредена квантна состојба и ја испраќа до друг дел од машината (Боб), кој потоа треба да одлучи како да ја измери состојбата на Алис за да ги научи нејзините својства и да произведе излезно решение. Со повторување на овој процес, двојката создала начин да го предвиди решението пред Алис да ја открие својата состојба.

Истражувачите ја повториле постапката 10.000 пати и го оптимизирале начинот на комуникација на Алис и Боб. Анализа на сите овие обиди, во комбинација со ригорозно математичко истражување на самиот протокол, покажала дека ниеден класичен алгоритам со помалку од 62 бита не може да се спореди со перформансите на квантниот компјутер од 12 кјубити за оваа задача. До пресметковната моќ би можел да се приближи класичен алгоритам со најмалку 330 бита.

Иако новиот резултат се издвојува од сите претходни демонстрации на квантна супериорност, и тој ја споделува нивната важна карактеристика: не е јасно дали може да биде веднаш корисен. Се уште не е докажано дека би можел да биде применет во реалниот свет, на пример за дефинирање и пробивање криптографски лозинки.

Многу поважна од квантната супериорност е корисната супериорност, кога квантен компјутер ќе овозможи решавање на реални проблеми, како хемиски или метеоролошки пресметки или логистичка оптимизација, вели Роналд де Волф од холандскиот Истражувачки институт за математика и компјутерски науки.

7 октомври 2025 - 14:11