Европа не може повеќе да си дозволи живот на висока нога

Цената на европскиот начин на живот - здравствена заштита, достапно образование и достоинствена пензија за сите, обезбедени преку високи социјални трошоци станува неподносливо висока. Сметката стигна за плаќање. Франција е типичен пример. Националниот долг расте, кредитниот рејтинг паѓа, приходите стагнираат и премиерите паѓаат. Не е далеку ни Германија.

Ненадејната оставка на премиерот Себастијан Лекорну не им дава надеж на помладите Французи дека ќе живеат удобно како нивните родители. Нема доволно пари. 

Ова е последната станица пред провалијата, изјави Франсоа Бајру, претходникот на Лекорну, еден од петте премиери на Франција што паднаа во изминатите две години.

На Бајру му беше изгласана недоверба откако претстави буџет со длабоки кратења на трошоци, вклучително и елиминирање на два национални празници, како обид за стабилизирање на економијата.

Поврзани предизвици има и во соседна Германија, каде што економијата стагнира по две години пад, компаниите губат работни места, инфраструктурата се распаѓа, а владата го подготвува населението за кратења. Сепак, задолжувањето е ниско, а повеќето Германци сè уште уживаат висок животен стандард.

Стареењето на населението ги зголемува трошоците за пензии и здравствена заштита токму кога ниските стапки на наталитет и реакцијата против имиграцијата се закануваат да ја намалат работната сила и да ја еродираат даночната основа. За Франција и Германија, долго време столбови на Европската Унија, не е јасно дали сè уште можат да си дозволат да бидат светилници на економската правда.

На ЕУ не ѝ се туѓи економските и политичките проблеми, но до неодамна тие беа на периферијата - „расипничката“ Грција, политичките кризи во Италија и невработеноста во Шпанија. 
Италија сега ужива во својата најстабилна влада во последниве децении и го подобри кредитниот рејтинг. Франција сега мора да позајмува по повисоки каматни стапки отколку Грција, што порано беше незамисливо. Во Шпанија стапката на невработеност е намалена за половина.

Кризата во јадрото на Европа доаѓа во критичен момент, кога континентот е соочен со руска закана и со непредвидлив американски претседател. Ова го зголемува притисокот врз Европа да троши повеќе за одбрана, претурајќи од средствата наменети за социјални бенефиции. Тоа бара повисоки даноци што ги обесхрабрува бизнисите.
Во исто време, Франција и Германија се соочуваат со растечки економски предизвик од Кина, која се натпреварува со европското производство за скапи стоки како германските автомобили и француските нуклеарни централи.

Европа можеби не е на работ да наметне американски систем на несубвенционирана здравствена заштита, ограничено време за одмор и намалени социјални бенефиции, но мора да спроведе корекции.

Системот неизбежно ќе стане помалку дарежлив, а многу луѓе не се многу задоволни од тоа, вели Вилем Адема, виш економист во одделот за социјална политика во Организацијата за економска соработка и развој.

7 октомври 2025 - 16:41