Германија и Италија бараат повеќе време за да ги прештекаат колите на струја

Берлин и Рим ја притискаат ЕУ да ја одложи забраната за производство на автомобили што испуштаат штетни гасови по крајниот рок во 2035 година. Нивните автомобилски индустрии се во криза и барем засега не може да им конкурираат на кинеските електрични коли. Мерц бара повеќе време за развој на поеколошки горива за моторите со внатрешно согорување.

Берлин и Рим во заеднички меморандум до Европската комисија повикаа да се избегнат „несразмерни казни“ за производителите што не се придржуваат до распоредот за декарбонизација на горивата и бараат и по 2035 година да се дозволи регистрирање на возила што користат биогорива од обновливи извори.

Треба да се дозволат возила со ниски и нулти емисии, освен електричните што се напојуваат со батерии. ЕУ треба да го прифати намалувањето на штетните емисии во целиот синџир на производство, или преку употреба на обновливи извори, се наведува во меморандумот.

Се бараат отстапки за хибридите со приклучок за полнење од електричната мрежа, за моделите со горивни ќелии и со идни технологии што би можеле да придонесат за намалување на штетните емисии. Двете земји, исто така, инсистираат на стандардизирање на јавните системи за наплата низ целиот блок, слично на европскиот договор за роаминг за мобилни телефони без дополнителни давачки.

Италијанскиот министер за стопанство Адолфо Урсо ја повика Комисијата веднаш да го промени курсот во своите автомобилски политики.

Заеднички го означуваме патот кон зелена транзиција, која би била реално одржлива од еколошка, но и од социјална и економска гледна точка, изјави Урсо.

Германија долго време се противеше на забраната за мотори со внатрешно согорување и издејствува законско ослободување за автомобили со „ЦО2 неутрални горива“. Таа етикета беше широко разбрана дека вклучува синтетички горива, кои се прават со употреба на заробен јаглерод и водород, но не и биогорива, кои се произведуваат од култури или отпадна биомаса.

Канцеларот Фридрих Мерц во понеделникот повторно ја повика ЕУ да го укине планираниот рок до 2035 година, за да им се остави повеќе време на властите во Берлин да ѝ помогнат на автомобилската индустрија, која е во криза. Гигантите како Фолксваген, БМВ и Мерцедес-Бенц, имаат проблеми да произведат електрични возила што би им конкурирале на кинеската BYD според перформансите и цената. 

Не сакам Германија да биде една од земјите што ја поддржуваат оваа погрешна забрана, рече Мерц, спроти утрешниот состанок на владата со лидерите од германската автомобилска индустрија.

Сепак, тој призна дека прашањето „сè уште се дискутира“ со коалициските партнери. Министерот за животна средина Карстен Шнајдер од СПД завчера го бранеше рокот на ЕУ.

Мерц истакна дека дизел моторите сè уште се потребни за производство на камиони и дека би било сериозна грешка Германија да не може да спроведува истражувања за развој во оваа област. Тој изрази надеж дека во наредните години би можеле да се развијат синтетички горива, што би им овозможило на моторите со внатрешно согорување да работат „на еколошки начин“.

Не треба да забрануваме, треба да овозможуваме технологии, рече Мерц.

8 октомври 2025 - 07:52