Да си преслаб е бетер отколку да имаш вишок

Во свет каде што виткоста најчесто се изедначува со здравјето, една нова данска студија го превртува наративот на глава: малку прекумерната тежина, па дури и благата дебелина, не е толку страшна по должината на животот како што се мислеше досега. Обратно, тоа може да биде и подобра форма отколку да е човек слаб.

Ново истражување презентирано на конференцијата на Европската асоцијација за проучување на дијабетес (EASD) во Виена го поддржува феноменот наречен „дебел, но во форма“, и ја оспорува долгогодишната претпоставка дека послабото е секогаш поздраво.

Храната не е само гориво; таа е основа на преживувањето. Кога телото е лишено од храна, тоа преминува во катаболна фаза. Тоа значи дека почнува да ги разградува сопствените ткива, мускули, масти, па дури и виталните органи, за да извлече енергија.

Мозокот, како команден центар, добива врвен приоритет. За да го одржи во функција, телото ги пренасочува ресурсите, честопати на сметка на другите системи.

Еден од првите што ќе претрпи удар е имунолошкиот систем. Тој забавува или се исклучува, оставајќи го телото ранливо на инфекции и болести. Редовните „поправки и сервиси“ стагнираат. Хормоналната рамнотежа се нарушува. Можат да бидат нарушени дури и регулацијата на температурата и функцијата на срцето.

Затоа, резервите на енергија (оние околу стомак и други места) можат да бидат спасоносни.

Во оваа студија, истражувачите кои следеле повеќе од 85.000 возрасни лица откриле дека оние со зголемен БМИ индекс на телесна маса (оние во понискиот опсег на дебелина), немале поголема веројатност да умрат за време на петгодишното следење отколку оние во горниот крај на „нормалниот“ опсег.

Уште позанимливо? Лица со БМИ во категоријата на недоволна тежина или дури и од долната половина од „здравиот“ опсег, имале значително повисоки стапки на смртност.

„Дебелината може да го наруши метаболизмот на телото, да го ослабне имунолошкиот систем и да доведе до болести како дијабетес тип 2, кардиоваскуларни заболувања и до 15 различни видови на рак. Во исто време, недоволната тежина е поврзана со ослабен имунитет и недостаток на хранливи материи“, вели Зигрид Бјерге Грибсхолт од Универзитетот од Архус кој го спровел истражувањето.

 

7 октомври 2025 - 14:02