Италијански банки живи фатени како сакаат да закрпат народ со дијаманти

Најголемите италијански банки во соработка со дилери на дијаманти, на сопствените коминтенти се труделе да им увалат дијаманти продавајќи ги по значително надуена цена, со совет дека тие се здрава финансиска инвестиција.

Како дел од целата операција, на заинтересираните купувачи на дијаманти банките им ја покажувале цената на скапоцените камења од реклами во весник, па потоа им ги нуделе своите дијаманти по поевтина цена. Рекламите, за кои клиентите сметале дека се официјална пазарна цена, всушност биле нарачани и платени од самите дилери на дијаманти.

Други банки изработувале сопствени брошури кои ги испраќале до клиентите, и во нив наведуваат како дијамантите се безбедна инвестиција, како имаат повраток од 50 до 80 проценти над инфлацијата, очекувана заработувачка и слично.

Во еден пример, пензиониран припадник на италијанската воена авијација во 2016 решава најголемиот дел од исплатата за предвремено пензионирање, околу 33.000 евра, по совет од својата банка да ги инвестира во дијаманти (заради очекуваната исплатливост, ќар и слично). Шест месеци подоцна тој дијамантите ги носи на независна проценка, каде нивната цена е одредена на 8.000 евра.

Сите банки се осомничени и за измама и перење пари, по основа дека средствата собрани од продажбата ги користеле за зголемување на сопствениот профит. Во најмалку еден од случаите, дилерот на дијаманти е осомничен дека парите од продажбата ги употребил за купување на акциите во банката со која соработувал, и со тоа го зголемил нејзиниот капитал. Според италијанскиот закон кога една страна ја употребува својата комерцијална позиција за обезбедување корист на друга страна (во случајов купување акции со пари од продажба на дијаманти), тоа претставува корупција.

Уште од 1980-те, италијанските банки продаваат дијаманти во име на дилерите. Меѓутоа по почетокот на глобалната финансиска криза, и заглавувањето во долгови, тие посебно се имаат посветено на бизнисот. Процената е дека во последните 20 години, околу 100.000 луѓе имаат купено дијаманти од италијанските банки.

Моментално 5 големи италијански банки и два дилери на дијаманти се под истрага.

20 јуни 2019 - 14:51