Сибирски шаман ќе жртвува 60 камили за победа на Путин

Рускиот „врховен шаман“ Артур Цибиков планира да жртвува 60 камили во маратонски ритуал за да му помогне на Владимир Путин да победи во војната во Украина. Секој месец ќе им принесува по пет жртви на древните славјански богови, со надеж дека ќе ја прифатат прошката и ќе им помогнат на руските сили да победат во војната што ја водат речиси пет години.

Жртвувањата ќе почнат во овој месец, во градот Ангарск, близу Иркутск.

Ќе испратиме 60 камили кај славјанските богови за да побараме помош и поддршка. Ќе дојдат сите богови на предците. Ќе ги нахраниме, ќе седнеме со нив, ќе разговараме и ќе побараме прошка, вели овој мистик, кој својот патриотизам го истакнува со камуфлажна униформа и црна беретка.

Активисти го осудија Цибиков поради суровост кон животните. Реагираа и други пагански лидери од Сибир, кои тврдат дека колењето животни претставува гротескно изобличување на нивната древна религија. Тие потсетуваат дека во некои региони на Сибир камилите се сметаат за свети животни.

Кога во 2019 година Цибиков церемонијално жртвуваше пет камили „за да ја зајакне Русија“, полицијата одби да покрене постапка за суровост кон животните, кои јавно беа заклани, распарчени и изгорени на клада. Организацијата „Вечно сино небо“ на Цибиков тогаш беше казнета со 3.000 рубљи поради „прекршување на ветеринарните регулативи“ – камилите биле испорачани од соседниот регион Бурјатија без дозвола од надлежните ветеринарни служби.

Многумина шамани денес се плашат јавно да го критикуваат Цибиков, кој му е ултралојален на Путин. Во 2023 година тој органзиираше ритуал за победа на Путин на претседателските избори. Подоцна, за смртта на затворениот опозициски лидер Алексеј Навални објаснуваше дека бил „елиминиран од повисоки сили, бидејќи го нишал бродот“. Тврди дека 17 шамани од неговата заедница биле мобилизирани или доброволно заминале на фронтот во Украина. Некои загинале.

Традиционалните сибирски шамани велат дека осудите на Цибиков денес може да бидат протолкувани како спротивставување на војната во Украина, кривично дело за кое може да бидат изречени парична глоба или затворска казна.

Ако си против Артур, тогаш си против Русија. Ако го критикуваш, автоматски стануваш непријател на народот, вели еден шаман од Бурјатија.

Не толку одамна, шаманот Александар Габишев имаше проблеми со законот во своите спиритуални обиди да го протера Путин од Кремљ. Полицијата го приведуваше врз основа на „поттикнување екстремизам“. (За неговите обиди за прочистување на Кремљ пишувавме во „Шамани против Путин“).

Шаманите долго време беа изолирани и игнорирани во Русија. Во доцните 1990-ти почнаа да се здружуваат во организации и побараа шаманизмот да биде признаен за официјална религија. Добија таков статус само во регионите Бурјатија и Тува, но не и на национално ниво.

Охрабрен од блискоста до властите, Цибиков во август се прогласи за врховен шаман на Русија, на конгрес во Ангарск бојкотиран од повеќе регионални шамански заедници. На Конгресот Цибиков ја објави изградбата на првата академија за шаманизам во Русија. 

12 ноември 2026 - 12:43