Цртежи направени со трчање (+aпдејт)

Лени Моган ја претвора својата трчачка патека во слики, одбирајќи патишта кои кога ќе се видат на мапа даваат разни облици.

Во град како Сан Франциско не е баш лесно да се испланира патека за трчање, која е истовремено и безбедна и убава и која ги заобиколува гужвите. Но минатите четири години Лени Моган дополнително ја усложнил работата, планирајќи го трчањето така за неговите движења да формираат цртежи, од едноставни форми на срце, до бродот Ентерпрајз. До сега има направено 53 „дела“, вклучително и портрет на Фрида Кало.

Моган не планирал да стане „трчач-уметник“, но како и други кои користат апликации забележал дека патеките му формираат некаков вид слики, „како Роршахови шеми“. И додека некои од неговите пријатели се опседнати со цртање пениси, тој одбрал нешто поинакво.

Очигледен фан на Стар трек, тој најпрвин го нацртал „вулканскиот поздрав“, инспириран од смртта на Леонард Нимој во 2015. Тоа го направил цртајќи модел на рака врз мапа на хартија и потоа следејќи ја шемата. Следувале исцртување на телевизор, па на логото на Бетмен. Но сепак најмногу напор му требало за спомнатиот портрет на Кало, за којшто трчал цели шест часа и осум минути.

Моган користи апликација наречена Strava, на која ги објавува своите патеки за по нив да може да се движи секој кој ќе го посети Сан Франциско. Има трчано и во форма на Калифорнија, раката на гитаристот на Грејтфул дед, и пожарникарски шлем и секира во чест на оние кои се бореле со пожарите летно време.

*********************

Поттикнати од текстов, читатели ни го испратија следново:

„Здраво,

инспирирани од вашата статија објавена пред некој ден за дечкото што исцртувал фигури со трчање по улици, решивме и ние да пробаме како ќе ни иде, и со една трчачка тура по улициве низ Скопје да и покажеме на владата дека не се согласуваме со одлуките што ги носи :) 

Поздрав од двајца трчачи!“

Со симпатии гледаме на потегот, а богами и на обликот. Како верзија на гореспомнатиот вулкански симбол, таа може да оди комплет со поздрав помеѓу трчачите кои би се разминале „на врвот“ кај Илинденска - „Куро крај нема!“, и соодветниот отпоздрав, „Навистина нема!“.

29 јули 2019 - 16:56