Кој ги запали младите во Франција?

Се крева чад во близина на Ајфеловата кула, горат училишта, Париз е блокиран со барикади... Протестите што почнаа во училниците поради претерано напорен распоред на часовите прераснуваат во уличен хаос, потпалуван од левичарски и од исламистички групи, кој може само да биде подарок за претседателските амбиции на Марин Ле Пен.

Најновиот масовен бунт во Франција – овојпат предводен од средношколци – нагло скршна кон екстремна бруталност и подметнување пожари. Додека сеќавањата на движењето Жолти елеци и урбаните немири од 2023 година се сè уште свежи, Франција останува заглавена во својот циклус на гнев и борба, блокади, запалени барикади и автомобили, како и демолирани згради.

Повторно се наметнува истиот аргумент што датира уште од 1789 година, од Париската комуна и од мај 1968 година: дали насилството е легитимно, па дури и неопходно, за да се принуди државата да преземе акција? За едно гласно малцинство, вклучително и некои опортунистички настроени политичари, одговорот сè уште гласи: „Oui!“.

Овојпат во игра е и TikTok, платформа што ја користи крајно левичарската Непокорна партија (LFI) на Жан-Лук Меланшон.

Партијата, која сега е обвинета за поттикнување бунт, ги испраќа своите пратеници со тробојки директно на протестите за да ги подгреат страстите кај тинејџерите, рамо до рамо со револуционерни троцкистички и, наводно, исламистички групи. Тоа е техника за регрутирање: многу од овие млади луѓе ќе гласаат за првпат на претседателските избори следната пролет, забележува австралиската новинарка и колумнистка Ема-Кејт Симонс, која со години живее во Париз.

Потсетува на бранот на „Генерацијата З“ – поттикнат од социјалните мрежи – што ги зафати Непал, Бангладеш, Кенија, Индонезија, Србија и Мадагаскар. За само неколку недели, изолираните протести пред училиштата во предградијата се проширија од Тулуз до Марсеј, Лил и Бретања, па сè до центарот на Париз. Во четвртокот, беа блокирани повеќе од 1.200 средни училишта. Над 400 сè уште се затворени. Чад се креваше во близина на Ајфеловата кула откако паликуќи нападнаа училиште во 15-тиот арондисман.

Оштетени се и училишта во тренди-квартот Маре. На транспаренти пред „Луј ле Гран“ - престижното и селективно државно средно училиште спроти Сорбона, каде што учел Робеспјер - пишуваше: „Млади, а не фашисти“. Пред „Лисе Монтењ“ имаше поплаки за „образовен затвор“ со настава од 8 наутро до 6 попладне, кога „нема време ни за мастурбирање“.

Многу од овие револуционерни студентски лидери имаат импресивни биографии и родители со силни врски. Во Франција, „шампањ-социјализмот“ не се смета за навреда: носете кефија пред вашето елитно училиште и жалете се за забраната за паметни телефони.

Незадоволството на учениците и наставниците е реално. Училишниот ден трае и по 18 часот, паралелките се преполни со 35 или повеќе ученици, отсуствата на наставниците не се пополнуваат со замени, зградите се дотраени, а персоналот е слабо платен. Прашањето е кој го искористува сето тоа.

По итниот состанок во четвртокот, владата го опиша како „операција организирана од LFI и нејзините екстремно левичарски застапници“. LFI одлучно го негира тоа. Списанието Le Point известуваше за ултралевичарски мрежи, како и за оние поврзани со исламистички кругови, кои исто така ги поттикнуваат протестите, вклучувајќи го и колективот RED Jeunes, кој води кампања против „исламофобијата“.

Некои од полициските реакции беа репресивни. Едно 14-годишно дете беше тешко повредено од шок-граната, а други се здобија со повреди на очите. Но, само во четвртокот, повредени беа 305 полицајци и жандарми, а уапсени беа 1.949 лица. Повредени се 65 вработени во Министерството за образование, вклучително и 40 директори на училишта. Повеќето од нив тврдат дека напаѓачите не биле нивни ученици.

Во 20-тиот арондисман во Париз, на видеоснимка се гледа група маскирани млади насилници како бркаат млада полицајка, ја соборуваат на земја и ја удираат со нозе, викајќи „валкана курво“ и „убијте ја“. Во Белфор, полицаец во цивилна облека бил удиран по главата сè додека не изгубил свест. Обвинителството отвори истрага за обид за убиство.

Тука е и култот на блокадата. Зошто да не се маршира или да не се протестира пред Министерството за образование? Затоа што барикадите на влезот се перформанс.

Само сакаме да го покажеме нашето незадоволство, а единствениот начин, како што покажа историјата, е преку насилство. Франција се промени во 1789 година со Револуцијата, и таа беше насилна, бидејќи кога зборуваме, кога гласаме, ништо не се менува, изјави за јавното радио ученик од техничко училиште во Авр. 

За жал, сето ова ѝ оди во прилог на Марин Ле Пен, која може лесно да го сврти вниманието подалеку од компромитирачките откритија за антисемитизмот поврзани со нејзиниот кандидат за премиер, Жордан Бардела. Младите на Меланшон го создаваат хаосот, а крајната десница ги собира гласовите.

А студентските лидери? Опиени од возбуда, извикуваат пароли како „Младите го дупат Националниот фронт“ и рецитираат шаблонски напади против „макронистите“. Што ќе речат кога Ле Пен и Меланшон ќе ја турнат земјата – која и онака е на работ на должничка криза – во финансиски и социјален колапс? Кого ќе обвинат тогаш?

Ема-Кејт Симонс

3 октомври 2026 - 12:38