колумна

Крај на проклетството

Денес, може МЗТ ги има Далман, Чековски и Гечевски, ама само еден играч е најзаслужен за разбивањето на дваесет годишното проклетство. А тој играч игра не игра на терен... игра на трибина

Пишува: Таки Бошкоски

Ете дојде и тој ден! У својот живот пројдов мал милион утакмици у триста шеесет и осум различни спортски дисциплини али никад не помислив дека некогаш и МЗТ Скопје ќе биде шампион на Македонија у кошарка. А иначе признавам, како копиљ припаѓав на црвено белата страна на градот...после некако изгубив мерак. Не дека снемав интерес, него тогаш во Прва Лига се квалификуваше КК Вардар, па некако инцестоидно ми беше да стојам на трибина и да навивам против клуб кој ги носи боите и припаѓа на спортско друштво во кое се колнев наместо да се колнам у мајка...али тоа е друга приказна.

У тоа време, коа за да влезам на дерби требаше да дојдам 4 саата пред утакмица, некако и ми беше ќеиф што МЗТ се клацкаше позади Работнички. После извесен период почна да ми станува жал, за на крај да помислам дека стварно се работи за некое проклетство и дека никад, ама баш никад нема да освојат титула.

Кога пред две години клубот беше на работ на пропаст, и кога Фемили Аеродром беа единствените на кои им беше гајле каква ќе биде судбината на нивниот миленик, како дечко кој е стварно суеверен, се убедив себеси дека смртта на тој колектив не е ништо друго него дел од она проклетство и дека сериозно треба да се размисли да се ангажира бајачка за да се спаси МЗТ. И тогаш на сцена сцена стапија баш они – Фемили Аеродром. У навивачка пасија каква ретко се гледа на овие простори, успеаа да ги притиснат правите дугмиња и од смрт да го дигнат својот клуб. Две години покасно, се гледаат плодовите на таа страст. Денес, може МЗТ ги има Далман, Чековски и Гечевски, ама само еден играч е најзаслужен за разбивањето на дваесет годишното проклетство. А тој играч игра не игра на терен... игра на трибина.

По социјалниве мрежи сконтав дека Фемили Аеродром се собрале во Бисер за да ја изгледаат последната утакмица од плеј офот и да ја прослават титулата. Некако многу симболика гледам во тоа...на крајот све завршува таму каде што све почна. И како што еден графит на зградите во Аеродром вика: Ќе дојде ден и ние да се радуваме....Епа момци, на здравје, дојде и тој ден!

Наредната година МЗТ ќе се издигне едно ниво погоре. Ќе ја претставува Македонија во Јадранската Лига. Од спортски аспект еден огромен чекор напред. Дали се кадарни да се носат со такви противници ќе видиме во месеците што следат... ама знам дека една огромна армија која стои позади нив веќе е спремна. Нека е со среќа... а ја и понатака ќе си навивам за Вардар.

Него неколку саата пред да изигра кошаркарското финале начув дека и у Штип се играло финале на куп на Македонија у фудбал...Утакмицата за која пред едно осуманесетина година бегав од дома да ја гледам вчера се изигра пред цели 300 случајни минувачи...А ти чуда гле, финале купа бре!! Едно дваесет дена пред терминот во кој беше предвиден да се изигра. Да не беше трагично ќе се насмеев.

Финалето на купот треба да е најголем фудбалски настан во годината. Во Штип, пехарите беа поставени на една изгниена маса која да се сокрие срамот беше покриена со македонско знаме. Ова финале е само одраз на тоа каде ни иде фудбалот. Пут без повратка. Ако на тоа се додаде и фактот што има призвук на рамковен победник тогаш самата вредност на купот за милион пути се деградира. Дополнителен проблем претставуваа и двете навивачки армии на двата финалиста! Искрено, можеа да изиграат и ФК Пуста Брезница против ФК Свирипичино, од аспект на интерес, ама баш ништо немаше да се промени. Чак што више од радозналост може и повеќе од 300 луѓе ќе се заебеа да дојдат на утакмица.

Отворено прашање е колку време пред финалето се знаеше дека Ренова ќе го освои за да се задоволат апетитите на Кенан Идризи, потпретседателот на ФФМ...Одговорот на ова прашање го знае само Хари и неговата банда. А за тоа како го водат спортот резултатите зборуваат. Пред фактите и боговите молчат!