Децата задолжени за тениски топчиња се спасуваат од испотените пешкири

Ај што секнат нос, бришат крв и пот, ама има и тенисери и тенисерки кои се суеверни па немој да те натера ѓаволот да им го изместиш пешкирот, дури тогаш ќе кренат хистерија.

Младинскиот турнир во Милано му служи на ATP како поле за експерименти и таму најчесто тестираат нови топчиња, тестираат роботи-судии како и иновативни видео повторувања.

Годинава над младите тенисери провериле уште една радикална иновација: тенисерите сами биле одговорни за своите пешкири и брисачи а не постојано да ги бараат од ball-boys (децата задолжени за собирање топчиња).

Експериментот го извеле со поставена корпа во која тенисерите за време на паузите меѓу гемовите си ги оставале користените пешкири.

***

Во последните 15-20 години луѓето задолжени за топчиња (не е политички коректно да ги викаме болбојс затоа што меѓу нив има и девојчиња а има и возрасни луѓе) станаа сериозен дел од секој тениски меч.

Ако претходно биле одговорни само за топчињата, сега треба да носат и вода, банани, енергетски освежувања за играчите, а им носат и рекети и маици.

Оваа есен Меѓународната тениска федерација сериозно разгледува промени во работата на луѓето задолжени за ред на теренот и тоа поради агресија од играчите.

На пример, генерално пристојниот Стефанос Циципас на турнирот во Базел мошне непристојно и безобразно го истегна рекетот од футролата која што ја држеше едно помало девојче:

Белорусинката Арина Соболенко за време на еден WTA турнир додека барала вода од децата на теренот, нервозно и дрско го фрлила шишето кога и се приближило едно дете: 

 

Соболенко можеби и не е толку позната во јавноста, но кога Роџер Федерер ќе направи нешто слично, тогаш целиот свет зборува за тоа што големиот шампион ги омаловажил вработените:

Ужасно се поведе и Фернандо Вердаско кој на турнирот во Шенжен дрско мавташе со раце за детето со пешкир во рака да побрза. Ова ги разгневило корисниците на социјалните мрежи кои го нападнаа Шпанецот.

После неколку недели Вердаско се извини но залудно: „Се извинувам пред сите за моето неправилно однесување. Не сакав да бидам груб. Просто сакав да му кажам дека за да ми помогне треба да биде побрз.“ 

После овие епизоди во тенискиот свет одново се разви дебата за тоа што децата задолжени за работа на теренот не се доволно заштитени. Сериозно се размислува и за поставување закачалки на кои играчите ќе си ги оставаат пешкирите и сами ќе си ги земаат.

Поборниците на овие промени велат дека воопшто не е пријатно мокри и испотени пешкири тенисерите да им ги фрлаат во лице или на земја на децата кои стојат зад нив.

Од друга страна, навивачите немаат проблем со тоа да земат потпишан мокар пешкир, маица или каков било друг реквизит од тенисерите. На пример Дел Потро еднаш во еуфорија ги фрлал во публика патиките во кои трчал повеќе од два часа.

Од хигиенска гледна точка, некои стручњаци изјавиле дека потта не е опасна. Доктор Вилијам Шафнер за австралискиот The Courier Mail рекол дека „потта, мрсулите и лигавицата и крвта“ не пренесуваат инфекција.

Согласно правилата на турнирите, момчињата и девојчињата задолжени за топчиња, не се должни да собираат пешкири во кои играчите кашлале или бришеле крв. Но едно дете кое во минатото се занимавало како болбој на Твитер напишало зошто одбило да фати таков пешкир.

 

Во некои случаи оправдани се потребите на тенисерите после секој поен да се вртат кон децата и да бараат пешкир. На пример Рафаел Надал уште на средината од првиот гем толку многу се поти што капките му паѓаат на теренот.

Некои тенисери се и суеверни, па немој некое од децата да им го тргне пешкирот од првичната положба, тогаш настапува расправија и тензија. 

Новинари пишувале и дека во американските тениски академии младите тенисери ги учат после секој изгубен поен да бараат пешкир и на тој начин да држат контрола над себе и врз мечот. За тоа еднаш раскажувал и Кевин Андерсон: „Тоа често станува дел од твојот ритам. Прв признавам дека и кога не сум многу испотен барам пешкир, а тоа е дел од мојот ритуал.“

****

Противниците на оваа идеја за закачалки и корпи сметаат дека таа ќе го наруши ритамот и темпото на игра: тогаш времето меѓу гемовите ќе се користи за други работи отколку што се користи сега. Играчите велат дека за 25 секунди колку што е ограниченото време не може да трчаат по пешкирот, да се избришат, да го вратат на место и да се спремат за следниот поен.

Но односот меѓу децата задолжени за топчиња и нивните идоли не е баш толку лош. Имало и многу убави епизоди - како на пример кога Цонга придружуваше едно девојче кое беше погодено со топче во лице.

Или кога едно преплашено дете во Шангај се расплаче откако го погодија со топче во стомак, па Димитров го смири, а подоцна се дружеше и со Александар Зверев кој еднаш ненадејно и случајно го исплаши.

Или епскиот момент кога Новак Ѓоковиќ во Париз на дожд му направи место на едно од децата задолжени за топчиња и со отворен чадор го седна крај себе: