22 години од легендарната битка кога Тајсон го гризна Холифилд за уво

На 28 јуни 1997 година во Лас Вегас се одржа легендарниот дуел меѓу Мајк Тајсон и Ивандер Холифилд, кога „железниот Мајк“ му откина дел од увото на противникот. Ова се смета за еден од најжестоките моменти во историјата на боксот.

БОЈ КОЈ ТРЕБАЛ ДА СЕ ОДРЖИ 7 ГОДИНИ ПРЕТХОДНО

Тајсон и Холифилд беа главни боксерски ѕвезди во ’90-те години. Мајк ги уриваше како кугли сите во тешка категорија, стигна до рекорд од 37-0 и освои девет светски шампионски титули по ред.

Холифилд од друга страна беше крал на директот: со нокаут совлада 18 ривали а во 1986-та година ја освои првата титула. После две години првпат во историјата ги обедини сите главни појаси во средно-тешка категорија.

Понатаму Ивандер имал само еден пат - во супер тешка категорија на мегдан со најголемиот, Мајк Тајсон. Холифилд последователно нокаутирал пет противници од кои двајца поранешни шампиони и претенденти на титулата и чекал борба со Тајсон во 1990-та.

По триумфот над Алекс Стјуарт од Јамајка, Холифилд сакал да земе одмор, а тимот на Тајсон бил во налет и решил Мајк да боксува против аутсајдерот Бастер Даглас кој на општо изненадување ја направи најголемата сензација во светот на боксот и го нокаутираше Тајсон во 9 рунда.

Наместо супер мега-дуел со Тајсон, Холифилд морал да се соочи со боксерот кој го понижи железниот Мајк. Но Бастер Даглас не направи нова сензација. Во третата рунда Холифилд го патосираше Даглас, ги собра појасите WBC, WBA и IBF и заработи 8 милиони долари. Даглас и покрај тоа што не ја одбранил титулата, освоил 25 милиони долари.

Пред борбата со Тајсон, 28-годишниот Холифилд боксуваше со легендарниот Џорџ Форман, кој иако ветеран во позни 42 години, неочекувано издржа 12 рунди со речиси двојно помладиот противник и изгуби на крај на поени.

После овој меч Ивандер го буцнал Тајсон: „Не ми е гајле со кого боксувам. Не ме занима кој е во другиот агол. Но имам недовршен бизнис. Тајсон, спремен ли си?“

Мајк се врати во рингот четири месеци по шокантниот пораз од Бастер Даглас. Тајсон победи четири меча по ред (три со нокаут, еден на бодови) и во ноември 1991 година закажа борба со Холифилд.

На неколку месеци пред мечот борбата се одложи поради наводната повреда на Тајсон, но вистината беше друга: Мајк се соочи со тешко обвинение за силување на 18-годишниот модел Дизаер Вашингтон. На почетокот на 1992 година Тајсон беше прогласен за крив, неговата вина беше докажана и тој заврши во затвор.

Мега дуелот со Холифилд беше замрзнат на неколку години.

АЈРОН МАЈК СЕ ВРАТИ СПРЕМЕН

Тајсон излезе од затвор после три години и брзо се врати вратил во форма. Првиот спаринг-партнер Питер Макнили за пола минута го збришал од рингот, а набрзо пак стана шампион откако во три рунди го совлада Френк Бруно.

WBC го обврзал Тајсон да се судри со поранешниот првак Ленокс Луис но тој не се залетал по појасот туку се проба со Брис Селдон, WBA шампионот. Борбата траела само 1 минута и 29 секунди.

Конечно децениски очекуваната борба Тајсон - Холифилд се одржа во ноември 1996 година. Вечерта на боксот ја нарекуа Finally.

Мајк беше голем фаворит, иако во јавноста преовладуваше мислење дека Холифилд е потценет. „Ивандер е искусен мастер кој поминал низ многу војни. Тој влегува во ринг и може да се навикне на стилот на кој било противник. Холифилд е силен затоа што знае да ги минимизира квалитетите на противниот и да го издигне својот бокс на врв“, рекол експертот Џим Лемпли.

И на почеток на бојот Ивандер демонстрираше страшна тактика. Лесно ги истрпи ударите на Тајсон и се виде дека е спремен за борба. Концентрацијата во одбрана му беше на големо ниво.

Во еден момент се случија две епизоди, кои многу навивачи сметаа дека влијаеле на битката. Два пати за време на клинчот Холифилд со глава го закачил Тајсон во лице поради што Мајк беше расечен. Судијата Мич Хелперс сметаше дека овие удари се ненамерни и дуелот продолжи.

Уште во првата половина гледавме нерамноправна борба со мала предност на Тајсон, а втората иницијатива беше во целост во рацете на Холифилд. Крвта од расекотините му паѓаше на Мајк во очите а Холифилд со секоја следна рунда комбинираше удари баш во тој дел од главата на противникот.

Во 11. рунда судијата го прекина мечот и прогласи победа на Ивандер со технички нокаут. Тајсон не се бунеше и мирно го прифати поразот: „Во последната рунда реално не знаев кај се наоѓам. Неговите удари ме раздрмаа. Фала му на Ивандер за оваа борба, долго ја очекувавме. Покажавме одлично шоу и докажавме дека сем најдобри тешкаши на планетата. Големо уважување за тебе! Сакам да ти дадам рака!“, рече Тајсон на прес-конференцијата.

РЕВАНШОТ БЕШЕ МНОГУ ПОЖЕСТОК

Втората борба следуваше после пола година во Лас Вегас. Атмосферата околу мечот беше неверојатна: 16.000 карти продадени за еден ден, а преносот го откупиле 1,99 милиони луѓе. Вкупната вредност со продажба на билети, тв права и реклами изнесувала од 180 милиони до 200 милиони долари.

Но овојпат борбата траеше само три рунди. Сценариото не се смени драстично: Холифилд спокојно го чекаше бесниот Мајк кој удираше како да е суден ден. Ивандер често му ги врзуваше рацете и се потпираше на него, а Тајсон како да беше нестрплив што побрзо да го реши.

Како и на првиот меч, така и сега Холифилд со глава го закачи Мајк по лице и длабоко го расече под едното око. Судијата Милс Лејн како и неговиот колега претходниот пат, не видел намера во ударот со глава на Ивандер.

Можно е тој момент да беше катализатор на целиот ужас што следуваше.

Третата рунда почна со жесток, одлучувачки напад на Тајсон. Холифилд одново бараше спас во клинч и пар пати го врза Мајк. Во една таква блискост, Тајсон ја потпре главата на рамото на противникот и го загриза десното уво на Холифилд иако судијата беше зад негов грб.

После неколку моменти се појави најлудиот момент во историјата на боксот: Мајк исплука парче од увото на Холифилд, а овој од болка скокаше по рингот. Оваа постапка беше осудена од речиси сите коментатори во преносот:

Судијата Милс Лејн ја гледаше крвавата глава на Холифилд и бараше дисквалификација за Тајсон. Но докторот го прегледа Ивандер и тврдел дека неговиот пулен може да продолжи. Лејн го казнил со два бода Мајк и го предупредил на технички пораз во случај да ја повтори грешката. Мечот продолжи, но Холифилд брзо се откажа, судијата го прегледа, приметил загриз од заби и го суспендираше Тајсон.

Бесниот Мајк, лут што не „го доврши“ Холифилд сакаше да му се пушти на ривалот, но наеднаш преполниот ринг го спречи во тоа. Го држеа десетина редари и полицајци (на некој од обезбедувањето дури му скршил и нос во гужвата).

„Во тој момент сакав да го убијам. Ме држеа 50 луѓе, но продолжив да се буткам. Бес ми излегуваше од глава“, се сеќаваше Тајсон подоцна.

Нередите продолжија во следните минути, а за се што направи Тајсон подоцна беше казнет со 3 милиони долари и му ја одземаа боксерската лиценца.

После една година Атлетската федерација на Невада (таа истата која ги казни и Хабиб Нурмагомедов и Конор МекГрегор) му ја врати лиценцата на Железниот Мајк.

„Мислам дека намерно ме гризна, зошто сакаше да го суспендираат. Тајсон знаеше дека не може да победи и не сакаше да изгуби со нокаут“, резимирал подоцна стариот лисец Холифилд.

УВОТО МУ ГО СОШИЛЕ ВЕДНАШ ПОСЛЕ БОРБАТА

Тајсон на Холифилд му ја одгризнал Дарвиновата квржица (врвот од школката на увото во висина меѓу горната и средната третина).

Звучи парадоксално, но самиот Холифилд на некој начин му помогнал на Тајсон да му го откине делот од увото, затоа што со едноставен загриз не е воопшто едноставно да се скине тој дел. Холифилд интуитивно од преголема болка се тргнал на страна и како резултат на тоа дел од увото му остана меѓу забите на Тајсон.

„Скокнав два пати од болка. Пробав да се ослободам но можев само од втор обид. Многу болеше, многу.

За парчето од увото имаше многу легенди:

„Некои зборуваа дека е во музеј, други пишуваа дека се продава на аукција, но вистината е што веднаш после мечот ми го сошија на истото место. Сега имам лузна но ништо страшно. Не ми смета да живеам нормално“, рекол Холифилд.

Мајк својата постапка ја објаснил со тоа што судиите постојано му дозволувале на Холифилд да го чука со главата:

„Едно-две ме удираше со глава во клинч, но тоа му го дозволуваал. Сигурен сум дека го правеше намерно за да ме испровоцира. Во еден момент просто попуштив со нервите. Секако дека не смеев да го направам тоа, морав во секој случај да ги држам рацете кон себе. Ако продолжеше борбата јас ќе победев. Можно е да го гризнев уште некој пат“, изјавил Тајсон после неколку години.

ДЕНЕС ТАЈСОН И ХОЛИФИЛД СЕ ДОБРИ ПРИЈАТЕЛИ

Тоа што е во рингот, останува во рингот. После една недела двацата се сретнале на влез во сала на кошаркарски меч. Сите мислеле дека дуелот ќе продолжи тука, но Мајк ги зачудил сите: „Ме праша дали сум добар, дали е се во ред? Сите мислеа дека ќе се степаме во лифтот, но зошто би? За борбата во Вегас јас заработив 35 милиони долари, а Мајк 25 милиони долари. Каква смисла има да се тепаме бесплатно“, рекол Холифилд.

Во 2009 година во шоуто на Опра Винфри, Тајсон призна дека се понел ужасно и официјално му се извини на Холифилд пред целиот свет.

Денес Тајсон и Ивандер се дружат, се викаат еден со друг брате, учествуваат во добротворни фондови и даваат интервјуа. Мајк признава дека има супер однос со Холифилд.

Пред пар години Nike снимил реклама во која Мајк доаѓа на гости кај Холифилд и му дава кутивче: „Прости ми, ова е твоето уво. Во ред е, а јас цело време го чував во формалдехид“.

За жал со крајот на кариерите на овие двајца, златната ера на боксот можеби не заврши, но се стиши, а дојдоа некои нови ликови кои се далеку од стилот и витештвото на железниот Мајк Тајсон и Ивандер Холифилд.