Ракометот во 2015-та

Оваа година донесе големи ракометни возбудувања за навивачите на Вардар кои повторно покажаа заби во Европа, но имаше огромни разочарувања за оние на Металург од каде си заминаа најдобрите. 2015 година ќе се памети по европската круна на Кире и неговиот јубилеј од 1.000 голови.

1. МАКЕДОНИЈА НА СП ВО КАТАР

Ракометните возбудувања за македонската публика во 2015-та почнаа во Катар. Нашите ракометари беа одлични во групата со четири победи и еден пораз, но во осминафиналето не успеаа да ја минат Словенија и да направат историски подвиг, а тоа е пласман меѓу најдобрите 8 во светот и квалификации за Олимписки игри.

2. ИНТЕРВЈУТО СО АНДРИЈАНА БУДИМИР

На златните години со Кометал Ѓорче Петров се навративме преку разговорот со Будимир која ни раскажа како станале европски прваци со сала од нула степени во која чекале ред за туширање.

3. МИНЧО КРЕНА РАЧНА

По три години пласман во нокаут фазата од Лигата на шампионите, Металург ги растажи навивачите откако одлучи да ги продаде најдобрите ракометари кои направија историски успех за македонскиот ракомет. Минатата сезона не ја минаа групната фаза.

4. ИНТЕРВЈУТО СО ФИЛИП ТАЛЕСКИ

Младиот македонски репрезентативец и член на Металург учи од играта на Пепи Манасков, зема финеси од Лазаров, а сонот му е Кил.

5. ВАРДАР ГО КРЕНА НА НОЗЕ ЈАНЕ САНДАНСКИ

Ракометарите на Вардар беа поразени со 6 разлика во Полска во првиот осминафинален меч од ЛШ, но тоа не значеше крај на меѓународната сцена. Висла во Скопје беше прегазена со 11 разлика за нов пласман меѓу најдобрите 8 екипи.

6. ЖЕНИТЕ ПОВТОРНО ТРЕТИ ВО ЕВРОПА

Втор пласман за ЖРК Вардар во Ф4 и втор пат бронзен медал во ЛШ. Во дуелот за третото место го совладаа Динамо Синара.

7. БАРСЕЛОНА И КИРЕ НА ЕВРОПСКИОТ ТРОН

Барселона го победи Веспрем и ја освои деветтата титула европски првак. Со тоа Кире стигна до посакуваниот трофеј кој му недостасуваше во кариерата. Сезоната ја заврши и како најдобар стрелец со 106 гола.

8. РАБОТНИЧКИ ВО НОВО РУВО

Со ново раководство, стручен штаб и неколку засилувања, новоформираниот РК работнички тргна по нови амбиции и успеси. На новиот проект му се приклучија Андон Бошковски, Ванчо Димовски, Ристо Чокрев.

9. КОМИТИТЕ СЕ ПРОСТИЈА СО КАЛЕ И ГО РАСПЛАКАА ВУЈО

На 30 септември се играше мечот меѓу Вардар и Загреб во СЕХА лигата. За Комитите тоа беше емотивно, бидејќи се разделија со храмот на ракометот, а истовремено во пречекаа и својот миленик.

10. 1.000 ГОЛОВИ ЗА КИРЕ ВО ЛШ

Капитенот на македонската ракометна репрезентација стана првиот ракометар во историјата со 1.000 постигнати голови во Лига на шампиони. Првиот гол во Европа го постигна за Пелистер.

Ги сумиравме и фудбалот и кошарката.