Дуелот за третото место меѓу Вардар и рускиот Динамо Синара донесе дури 11 израмнувања. Вардарки ја имаа почетната иницијатива, играа добро во одбраната, но не успеаа резултатски да се одлепат. Првото поголемо водство црвено-црните го стекнаа во втората половина од првото полувреме кога поведоа 6-4. Како и вчера против Будуќност, така и денес Андреа Пенезиќ беше ударна игла во нападот на Вардар.
Хрватската репрезентативка постигна речиси половина од головите на Вардар на полувремето кое заврши 16-15 за македонскиот првак.
Второто полувреме започна во уште поголема резултатска неизвесност. Ана Кочетова, која ја паметиме по одличните настапи против Вардар во двомечот од групната фаза и денес беше главниот адут на Русинките. Токму најталентираната руска ракометарка не му дозволуваше на Вардар да се одвои резултатски.
Се играше гол за гол во текот на целото второ полувреме, за да во последните три минути од мечот, Скопјанки дојдат до плус 2 гола предност (27-25). Драмата ја врати Андреа Кликовац со непромисленото исклучување, но Вардарки се одбранија, а Андреа Пенезиќ реализираше за конечни 28-26 и Вардар заслужено е третиот најдобар тим во европскиот женски ракомет.
Андреа Пенезиќ со девет голови беше водечки стрелец на мечот, а Андреа Лекиќ додаде три голови од пет обиди. Кај Динамо Синара, Ана Кочетова водечки стрелец со осум погодоци во голот на Вардар.
Финалето за златниот медал меѓу Будуќност и норвешкиот Ларвик се игра од 17:00 часот.