Червар: Би сакал да создадам нова снага во македонскиот ракомет

Ракометарите на Металург викендов го играат последниот меч во Лигата на шампионите, а тоа ќе биде само формалност меѓу подмладокот на тимот од Автокоманда и Загреб кој е веќе сигурен учесник во осминафиналето.

По три години пласман во нокаут фазата, тимот на Лино Червар годинава нема да биде дел од европската елита во топ 16 фазата. Финансиската криза која го растури клубот е причината поради која во пресрет на последниот меч, македонскиот шампион брои една победа, едно реми и седум порази во групата.

„Дојдовме до последниот меч, но во еден друг состав од тој со кој ја почнавме сезоната. Тоа е една комбинација на кадети и јуниори. Нормално не размислувавме дека ќе дојде до ова, но клубот е во таква ситуација, пред нов предизвик во кој ќе се врти нова страница и нормално дека ние кои останавме ќе направиме се што можеме. Играме против голем фаворит, кој го обезбеди третото место во групата и кој преферира остра одбрана и интензивна игра. Нашите ракометари ќе имаат голем испит и ќе треба да дадат максимум, но не за резултат, тука се знае кој е фаворит, туку за нивно искуство бидејќи сега им треба многу вакви натпревари“, изјави Червар.

Хрватскиот стратег се наврати и на средбата против Кил.

„Играчите водеа една нерамномерна битка против Кил, но како и да е овој клуб ќе расте и повторно ќе го врати вниманието на јавноста. Нормално дека на нашите момци им се пресекоа нозете кога ги видоа ѕвездите на Кил, па дури и бараа автограми. Потоа имавме и заедничка вечера и добивме поддршка да се бориме и да го вратиме клубот на добри патеки“.

Потоа зборуваше и за иднината на Металург во кој повторно вети дека ќе остане за да му помогне на подмладокот.

„Ако клубот работи под полна пареа и стои на нозе би сакал да бидам дел од тоа, да го дадам моето знаење на овие млади играчи и да дадам уште еден напор ракометна Македонија да добие нови играчи. Би бил задоволен тие да бидат нова снага во македонскиот ракомет. Мислам дека работиме добро. Но не е лесно да се работи во сега една друга атмосфера. Ако бидат упорни, амбициозни, ако покажат тимски дух и желба, тогаш ќе имаме нова успешна генерација. Драго ми е за Миркуловски, Манасков, Липовина, Борозан и останатите кои најдоа место во силни клубови, ги пратиме тоа што го работат“, рече Червар.

За мечот против Загреб свое мислење даде и младиот Филип Талески кој на гостувањето против Кил се истакна со 5 голови.

„Во недела не очекува последен меч кој за нас ќе биде голем предизвик. Ова не е како порано, туку еден нов систем кој се однесува на нас младите кои треба да го поднесе големиот товар. Многу сме среќни што имаме ваков тренер како Лино Червар, многу играчи сакаат да бидат на наше место и да работат со него. Ќе се бориме и се надевам дека ќе имаме поддршка од публиката, па што биде нека биде“, Талески

Тимот од Автокоманда сезонава со Лигата на шампионите ќе се против в недела со почеток од 19 часот во Борис Трајковски.

20 февруари 2015 - 14:29