Новото раководство, заедно со стручниот штаб и играчите на РК Работнички имаа прва средба и прв тренинг кој се одржа на помошното фудбалско игралиште на Романтичарите. Од македонските репрезентативци се појавија Никола Марковски, Златко Мојсоски и Мите Стоилов, а поради повреда го немаше Велко Марковски.
„Почнавме на помошното игралиште на Работнички. За мене се будат некои спомени тука бидејќи пред 25 години почнав да тренирам фудбал, во 90-та година во истата соблекувална и на истото игралиште и еве пред крај на мојата играчка кариера повторно сум на истото место каде што го почнав спортот. Околу амбициите немам сè уште размислувано. Нормално дека според овој играчки кадар екипата треба да конкурира за плејофот во Суперлигата. Мислам дека местото ни е таму, инаку преодниот рок е долг, до месец февруари, така што може да има и измени, само да е сè како што треба“, вели за Офф.нет директорот на клубот Ванчо Димовски кој истовремено ќе помага и на паркетот.
Тренер на екипата е Андон Бошковски, а дел од управата на клубот заедно со Димовски е и Ристо Чокрев. Според поранешниот македонски репрезентативец Работнички го има потребниот костур на тимот.
„Целта ние беше да го направиме тој костур од 6-7 играчи, затоа што не располагаме со некои средства и можеме да направиме екипа која би била екстра квалитетна од 15-16 играчи. Ова е екипа со 6 позвучни имиња во Македонија кои би требало да го понесат товарот на почетокот кој ќе биде многу тежок. Со тек на време се надевам ќе растеме за да видиме како ќе изгледа сето тоа бидејќи ова е сега ново. Знаеме сите кај бевме до сега и сега ни преостанува да пробаме, мислам дека со тоа не правиме зло, а тоа е да се обидеме спортот да оди понапред. Ако ни успее тоа што го замислуваме би било многу добро за ракометот во Македонија и спортот. Не гарантираме дека ќе биде се како што треба, многу е потешко и послабо од бомбастичноста која беше најавена во медиумите. Со Господ напред“.
На искусниот пикер и довчерашен ракометар на Металург му го поставивме и прашањето кое ќе биде поголемо скопско ракометно дерби.
„Зависи за која генерација, за оваа помлада генерација тоа ќе биде Вардар – Металург, тоа беше и дерби на балканско и европско ниво, а за оние постари генерации кои играле во Работнички, старите скопјани се буди тоа кај нив од пред 30 години дека Работнички играл дерби со Вардар. За нив нормално во цел овој период тоа што Работнички го немаше и што влезе Металург во тоа скопско дерби им било можеби тешко, но еве им го враќаме тоа задоволство да присуствуваат на еден таков натпревар“.
Во екипата ќе има и двајца интернационалци, Србите Вања Илиќ и Немања Марсениќ, а деновиве се очекува да пристигне и Ренато Вугринец.