Прес конференцијата на Металург во пресрет на мечот од СЕХА лигата против Војводина беше обезбедувана од полиција која стоеше пред службениот влез на салата Борис Трајковски.
И покрај најавите на навивачката група „Пирати“ кои се организираа да присуствуваат во знак на мирен протест, до почетокот на пресот не се појавија. По завршување на новинарските прашања поврзани за состојбите на клубот, имаше само две навивачки, од кои едната во солзи му се обрати на претседателот на Металург и побара да си поднесе оставка.
„Овде сме во името на навивачите на клубот. Затоа, бараме во најбрз можен рок, да се реши сѐ затоа што си заминаа многу ракометари кои беа наши идоли. Тешко ни ова што се случува и затоа бараме одговор. Некој мора да поднесе одговорност за целата ситуација! Вие сте управа заминете си“, рекоа навивачките.
Левче Китевски на тоа одговори дека е добро што постојат такви навивачи кои реагираат емотивно во вакви ситуации и им се заблагодари за поддршката, но рече дека него му е дупло потешко што не успеал да ги задржи играчите, особено Филип Миркуловски со кој клубот се разделува по 12 години.
„Вчера ми беше најтешкиот ден во мојата кариера како спортски работник. Миркуловски беше во Металург од 18-19 години, а сега има 31 и затоа верувајте дека не ни е лесно. Физиотерапевтот знаеше да каже „Ти и Жути имате најдолг стаж во Метарург“. Ние бевме 24 часа заедно и поради обврските на тренинзи и патувања помалку се гледавме со семејствата. Имало дружби, веселби, кавги, лутења, но ние бевме како фамилија и со ниту еден ракометар од тие што си заминуваа не сме во лоши односи“, изјави Китевски
Покрај за утрешниот меч против Војводина кој беше во втор план на пресот, Лино Червар зборуваше дека му е тешко за оваа ситуација и дека за сега ќе мора максимум да се извлече од младите играчи.
„Синоќа не можев да спијам, бидејќи го сакам клубот и знам како им е на сите тие што го поддржуваат. Пет години создававме тим кој два пати беше во топ 8 во Европа и тоа со најмал буџет во тоа друштво. Но финансиските проблеми се големи и за да се изгради повторно екипа ќе треба да помине многу време. Ќе помогнам колку што можам за да ги подигнеме овие деца што играат, се додека постои клубот“, изјави Червар.
Освен Ренато Вугринец чија иднина ќе се знае денес, Левче Китевски рече дека и покрај напорите, клубот поради финансиски причини не успеа да ги задржи Наумче Мојсоски, браќата Марковски, Ванчо Димовски, Филип Миркуловски, Дејан Манасков, Ацо Јоноски и Гоце Георгиевски.
Металург ќе се натпреварува со намален буџет, долговите ќе им бидат исплатени на сите, а сопственикот Минчо Јорданов ќе води преговори со другите спонзори за излегување од финансиската криза.
Миркуловски вчера напиша статус на фб дека со неверување го напушта Металург, а следната дестинација му е Хановер, Германија. На ден пред тргање објави слика со сега веќе поранешните колеги.