Во најважниот натпревар на првенството, Македонија водеше тешка битка уште на самиот старт на мечот. Осминафиналето со погодок го отвори Никола Марковски, но Словенците набрзина вратија со два гола.
Се играше брзо, но не многу ефикасно, а при резултат 5:5, головите од наша страна одеа преку пет различни ракометари. Дека ова ќе биде многу неизвесна балканска битка, покажува податокот дека дури во 21 минута една од селекциите успеа да направи предност од два гола разлика.
Тоа го стори селекцијата на Словенија која водеше со 11:9. Словенците уште два пати до крајот на првиот дел имаа +2, но ние израмнувавме, а не се одбранивме во последните секунди. На пауза губевме 16:15. Резултатот немаше да изгледа така, доколку Лазаров не промашеше два пенали.
Словенција делуваше самоуверено и опасно и во вториот дел, а хендикеп за нас беше 36 минута кога Миркуловски доби црвен картон. Словенците тоа го искористија и набрзина стигнаа до прво водство од три гола разлика.
Македонија имаше многу проблеми во одбраната и многу лесно примаше голови. Во напад недостасуваа головите на капитенот, кој беше добро чуван, а добро му одеше на Гоце Георгиевски.
Најтешко на нашите репрезентативци им беше во 50 минута кога имавме -4, но тоа не значеше предавање. Словенија остана со играч помалку, а Стоилов и Манасков реализираа за -2.
Македонија очигледно немаше воопшто среќа на овој меч бидејќи сите три златни шанси за -1 и враќање за шансите на четвртфинале паднаа во вода. Георгиевски, Прибак и Манасков промашија зицери, од кои првите два шута завршија во статива.
Словенците имаа 18 минути исклучувања (9 пати), а нашите 8 минути (4 пати). Мечот го завршивме со по четири промашени пенали и зицери.
На висина на задачата не беа ниту Ристовски и Ангелов кои заедно имаа 8 одбрани. Најпрецизен во нашиот тим беше Георгивски со 7 голови, а Лазаров постигна шест.