Будимир за Офф.нет.мк зборуваше како треба да се игра против Хрватите, се потсети на деновите во Кометал, хиерархијата во клубот и легендарниот цепелин со Индира. Го споредува тогашниот и сегашниот ракомет, подеднакво ги сака Вардар и Металург, а направи и состав за СП Катар 2015 со сегашни играчи од поранешните ју-простори.
Првата асоцијација за името Андријана Будимир е Кометал Ѓорче Петров, на кои три работи тебе те асоцира овој клуб?
На плоштад. Во мојата кариера Кометал беше најдобар избор, најубавите 2 години и искрено многу ми е жал што заминав. Шлагелсе на пример ми е најголема утка во кариерата, без разлика што пак со нив освоив Лига на шампиони. Многу ми е жал што освоив баш во финале против Кометал. Скоро кога играв во Кале со децата од школата им реков еее вашиот тренер тука во оваа сала има освоено две титули ЛШ. На сите во Македонија кога ќе им го спомнеш Кометал некако им доаѓа убаво, на срце им е.
Кој те донесе во Кометал и како се случи трансферот?
Игравме две пријателски во 2001 година со Крушевац против нив и мислам дека им дадов околу 30 голови на двата меча. Така се случи трансферот. На моја позиција играше постара ракометарка, се повреди и јас ја заменив. Бев ептен млада, немав уште 21 година.
Опиши ни ја последната минута од финалето во Лигата на шампионите против Херц Ференцварош, 2002 година?
Се договоривме со Индира пред натпреварот, ако имаме поголема предност и ако имаме топка за последен напад да направиме цепелин. Јас бев на клупа и на таа што играше на моето место и реков излегувај цепелин ќе правиме и јас фактички истрчав од клупа директно на цепелин. Така се договоривме, јас бев најмлада и најмногу скокав, но едвај ја фатив топката, со врвот на прстите ја бутнав топкава во гол. Мислам дека претходната средба во полуфинале ми беше најубава, особено мојот последен гол. Тоа беше знак дека ќе освоиме и можеше да дојде во финале кој сака. Реално Ларвик беше тогаш најсилен клуб, седум разлика изгубивме на првиот дуел и тие веќе договорија диско за славје, но не знаеле каде доаѓаат и ги тепавме 9 разлика.
Ти остана ли некоја неостварена цел од играчката кариера?
Да, Олимпијада. Имам освоено Медитерански игри, да речеме дека тоа е мала Олимпијада. Кикснавме на Светско првенство во Хрватска. Ги тепавме Русија, Кореја, сè се погоди како што треба, игравме против Австрија која беше смешна, но они фрижидер да фрлеа ќе влезеше, а ние не можевме голот да го погодиме. Загубивме 11 разлика, а требаше само да тепаме со еден гол и да одиме на Олимпијада. Но после мене ми пукна коленото, така што немаше да учествувам и онака.
Со кого се дружиш најмногу од тој шампионски тим и за кои моменти најмногу евоцирате спомени?
Сите што се тука се дружиме, дури се договаравме и да играме понекогаш бидејќи сакаме да играме, ни фали тоа. Не останаа сите во ракометот и се договараме кој сака, иако пола “се распаѓаме“, пола колена немаме, но ни се игра. Пред 4 години во Прилеп игравме хуманитарен меч за изградба на црква и салата беше полна. Игравме против првиот женски тим на Прилеп кој активно игра и ги згазивме, а ние сите сме во години и не играме долго време. Мислам дека тоа што ние го имавме во тоа време, не само во Кометал, тоа веќе го нема. Секоја екипа имаше многу јаки играчи, особено бекови. Сега ја нема таа драж, сега тоа што го има во машкиот ракомет, тогаш беше во женскиот ракомет.
Кој е сега во најдобра форма од сите вас?
Па јас сум, бидејќи сум најмлада. Тоа сепак е врзано со години и јас сум најактивна и плус сум 10 години помлада од другите од Кометал.
Со кој прв ја сподели веста за згаснувањето на Кометал и како го доживеа тој 16 септември 2011-та?
Со Мими Чупиќ прво се слушнав, старосватицата моја. Многу ми е жал што дозволија тоа да се случи. Можеше државата да даде една минимална финансиска инјекција за да го одржи. Трифун тоа што го направи, никој до сега го нема направено. Тоа е 15 години вложување во нешто. Сега ќе видиме понатака како ќе биде, да видиме Сергеј што ќе направи. Во тоа време да дадеш 2 милиони евра беа многу пари, тоа е како сега 20 милиони да се дадат. Ни даваше сè што сакаме, ни беше како татко, а не како газда. Сергеј сега го прави истото. Индира пред некој ден ме викна да ги видам соблекувалните, имаат одлични услови. Ние имавме можеби 10м2 соблекувална и само еден туш. Индира ми вика јас и денес се туширам 20 секунди како тогаш. Ќе влезе една, ќе се намокри и тој што чека на ред одма вика ајде излегувај. Но тоа беше како една фамилија. Немавме услови како што имаат сега, на пример во Шлагелсе тоа беше од пица до млеко. Имавме огромен магацин, си влегуваш си земаш патики, тренерки што и да ти треба, а имавме и специјален паркет кој го носевме со нас на натпревари, а го местеа мајстори два дена пред секој меч. Во Кале се смрзнувавме на нула степени, ќе стоплат малку на почеток и толку. Но сето тоа беше и причина за нашиот успех. Сега имаат сè што сакаат и пак ништо.
Од Кометал Ѓорче Петров замина во Подравка па во Шлагелсе. Која е разликата меѓу нашиот и скандинавскиот ракомет?
Таму женскиот ракомет е пред фудбалот, нашите натпревари во просек ги гледаа 2,5 милиони Данци од 4,5 милиони народ, а фудбал гледаат еден милион. Таму беше поинаква атмосферата, голем професионализам, а ние бевме не екипа, туку екипиште. Имавме 10 бекови и една акција се тренираше цел ден, а покрај такви имиња тоа можевме да си го дозволиме. Не изгубивме натпревар ниту во данско првенство, а ниту во куп и Лига на шампиони. Доволен доказ за тоа е победата од 10 гола разлика против Кометал во финале.
Некогаш Кале вриеше како во котел, а сега кога игра ЖРК Вардар салата е половично исполнета. Дали поддршката треба да се заработи или тоа е природен однос меѓу клубот и навивачите?
Сега некако машкиот ракомет е доминантен, но мислам дека треба многу повеќе да одат и на женски, реално и они имаат голем квалитет. Мислам дека таа љубов беше изградена во Кометал уште многу време пред јас да дојдам. Плус имаа и едно финале претходно во ЛШ, мислам 1999-та беше. Таа традиција се одржуваше, а салата беше полна и кога Кометал губеше.
Можеш ли да ги споредиш Кометал и сегашниот тим на ЖРК Вардар кој лани стигна до Ф4 во ЛШ? Блиску ли се во квалитет?
Тешко е да се направи разлика, тотално е различно, различни играчи, стил на ракомет, менталитет. Ние растевме во сосема поразлични услови. Јас кога бев дете имаше хиерархија, па јас во сениорска репрезентација да кажам нешто без да кренам два прста, тоа немаше шанси. Јас бев најмала и носев топки и лепак, нема врска тоа што ќе дадам 10 гола, најмал си и крај. Мислам дека тоа почитување го нема повеќе, а тоа е најголем проблем. Неоспорни се квалитетите на сите со кои играв во Кометал и сите беа барем еднаш во тимот на светот. Јас кога дојдов, се знаеше дека кога ќе стане густо, Индира ќе викне силно, значи имаше лидери, сега ги нема, а тоа е проблем и во машкиот ракомет. Не мора да е тој најдобар играч, но мора да има некој кој ќе ја стопира играта и ќе го понесе тимот.
Што би ја советувала Индира доколку ти се јави пред финале во ЛШ со Вардарки?
Индира има многу тешка работа, знам бидејќи и јас влегов во тренерски води. Да се биде играч и тренер не се само два различни светови, туку ти доаѓа да влезеш во игра да дадеш гол. Но тоа не можеш да го научиш, тоа или го имаш во себе или го немаш. Јас претпоставувам дека ако се најде во таква ситуација, ќе сака да влезе и да го реши натпреварот, бидејќи некако посигурни сме на терен, не знам како да ви го објаснам тоа на друг начин. Мене ми се случува со децава, кога некој од нив ќе удрат, ми доаѓа да влезам на терен и да го нокаутирам.
Доколку постоеше Југославија, а ти беше селектор, кои 7 ракометари ќе ги ставеше во прв тим на Мундијалот во Катар?
Ова е многу тешко бидејќи ќе бидам пристрасна кон Србија. Голман: Дарко Станиќ, Лево крило: Дејан Манасков, Лев бек: Момир Илиќ, ама и Наумче, кум ми е морам и него да го ставам, Среден бек: Домагој Дувњак, Десен бек: Кире Лазаров и Марко Вуин, Пивот: Столе Стоилов, ама и наш Растко Стојковиќ, Десно крило: Златко Хорват, ама и Владимир Темелков втор избор.
Што ти остави најмногу впечаток кај Македонија по првите три победи?
Мислам дека конечно играат колективно, што е најбитна работа, гинат еден за друг и мислам дека го нема тоа овој или оној е најдобар. Сите играат и одбрана и напад и нема себичност. Сега се најзрели, најискусни да направат нешто и не е императив четвртфинале, не треба така да се размислува, туку треба секогаш да се пука на највисоко ниво и највисока цел. Тоа влијае и кај нив, леле сега сме во осминафинале или четврт и готово успех. Не така, туку сакаме да сме први, сакаме медал. Селекторот Обрван мислам дека ја прави вистинската комбинација, но не е само тој заслужен, туку и нивното искуство, многу години играат заедно и реално Борко брани одлично. Значи без голман во ракомет џабе е, можат да бидат седум Андријани, ќе дадат 500 голови, но ќе примат 501 и толку.
Што му кажа на кумот пред да замине во Катар?
Искрено му реков да ужива во ракометот, да игра слободно, тој имаше сериозна повреда и многу е тешко потоа да се вратите. Јас имав пукнато рамо и не играв 10 месеци. Ти сакаш да се вратиш, но треба многу време, посебно на негови години. Мислам дека Наумче се врати, игра екстра и сега е на врвот од својата кариера.
Вардар или Металург?
Ех сега тешко прашање. Сега сум во Вардар со деца, а претходно бев во Металург. Кумот ми е во Металург, сите таму ги знам, но и во Вардар ги знам. Не знам. Среќа што Македонија има два такви клуба.
Како ти оди со школата и кој ти помогна да ја отвориш?
Сама ја отворив. Имам деца од 6 до 13 години во машка и женска конкуренција, но повеќе машка, а јас сум жена тренер. Имам супер генерација, посебно 2002 мажи од кои мислам дека барем тројца ќе станат репрезентативци. Баш скоро имавме турнир кој го правеше Вардар за сите генерации, милина е да гледаш во сала толку деца, особено најмалите. Само да им ја видите радоста кога добија медали. Македонија има потенцијал, а добро е што воведоа семинари за воведување на лиценци. Бевме јас, Индира, Темелков и добро е едукацијата на тренери ќе помогне уште од мали да се создаваат добри играчи. Едноставно мора да се смени начинот на работа.
Колку деца тренираш и дали има некое дете на наш ракометар или ракометарка?
Тренирам околу 110 деца, но нема ниту едно дете на ракометар. Инаку имам помошник тренер од ДИФ. Го повикав кога бев бремена, јас во петок бев на последен тренинг, а во сабота се породив, значи до крај одев во сала. Во осми месец бремена водев турнир со деца, со една рака го држев стомакот, а со друга мавтав по нив. Наумче тогаш беше на операција, сопругот мој беше со него, а јас бев сама. Инаку има супер деца, навистина и мислам дека од мали треба да се работи со нив за да се стигне до резултати. Така прават сите, само Македонија малку касни со тоа, во Србија тоа уште одамна се практикува. Уште кога јас бев дете постоеше тој систем на работа, значи пионерски селекции, стари пионери, кадети, јуниори и се работеше со тие деца. Реално да збориме на 18 години си веќе играч, не си талент.
Последните 80 секунди од финалето и цепелинот на Будимир од 1:28:30