СП Катар 2015

Будимир: Против Хрватска со агресивна одбрана до тепање

Поранешната европска шампионка со Кометал Ѓорче Петров (2002) и Шлагелсе (2004), вели дека Македонија мора денеска да оди на победа. Таа смета дека дуото Јоновски-Марковски ќе заврши работи во одбрана, а најголемата разлика во ракометот според неа е во голманите.

Андријана Будимир за Офф.нет.мк зборува како 16 ракометарки чекале ред под еден туш во салата Кале, како го договориле цепелинот со Индира во последната минута од финалето во ЛШ, потоа прави паралела со ЖРК Вардар, ја анализира Македонија на СП Катар и го опишува досегашното тренерско искуство во нејзината школа.

Целото интервју со поранешната 9-ка на Кометал и миленичка на публиката ќе го читате утре, а ова е нејзиното гледање пред мечот со силната Хрватска.

Во проценти колкави ни се шансите против Хрватска?

Нема проценти, мора да се победи. Хрватска игра лошо, сега треба да ги фатат, таа не е толку убедлива. Во денешниот ракомет разликата е многу мала, а разликите ги прават голманите, никој друг.

Како би се бранела против репрезентација во која играат еден Чупиќ, Вори, Карачиќ, Дувњак, Копљар...? 6:0, 5:1 или можеби фластер за сите?

Агресивна одбрана со 6:0. Мислам дека тука ќе завршат работа Јоновски и Велковски. Апсурд е да им отвориш зона, бидејќи имаат висок пивот. Треба агресивна и колективна игра со тепање до граница на грубост. Никој не сака ќотек, реални да бидеме, можеби јас бев единствена во тоа, но кога ќе почнеа да ме тепаат полудував. Јас никогаш не удирав прва, туку ги опоменував два пати. Ако еднаш ме удри во глава и викам немој, ако се случи втор пат, ја кршам. Така ги учам и моите деца, да не удираат во глава и никогаш први да не удираат, а тоа се учи од мал, а не на 18 или 19 години.

Што ти остави најмногу впечаток кај Македонија по првите три победи?

Мислам дека конечно играат колективно, што е најбитна работа, гинат еден за друг и мислам дека го нема тоа овој е најдобар или оној. Сите играат и одбрана и напад и нема себичност. Сега се најзрели, најискусни да направат нешто и не е императив четвртфинале, не треба така да се размислува, туку треба секогаш да се пука на највисоко ниво и највисока цел. Тоа влијае и кај нив, леле сега сме во осминафинале или четврт и готово имаме успех. Не така, туку ќе речат сакаме да сме први, сакаме медал. Селекторот Обрван мислам дека ја прави вистинската комбинација, но не е само тој заслужен, туку и нивното искуство, многу години играат заедно и реално Борко брани одлично. Значи без голман во ракомет џабе е, можат да бидат седум Андријани, ќе дадат 500 голови, но ќе примат 501 и толку е.

21 јануари 2015 - 15:37