Искусниот Лино Червар не залудно изјави пред мечот со Украина дека „денес веќе сите играат ракомет и дека нема лесни ривали.“
Така и беше. Нашите ракометари мораа многу да се испотат вечерва во СЦ „Борис Трајковски“ за да стигнат до првите бодови во борбата за пласман на Европското.
Борко Ристовски одлично го започна дуелот и одбрани два шута на гостите, а тоа како да го осоколи Стојанче Стоилов со два гола да го отвори новиот квалификациски циклус. Но Украинците од почетокот покажаа дека немаат што да загубат и дека се дојдени да се надигруваат. Брзо направија пресврт на 2-4 со голот на Денисов во 9. минута од мечот.
По 10. минути игра Украина водеше 3-4, а нашите ракометари имаа двајца играчи повеќе на теренот, но Стоилов и Дејан Манасков не го најдоа патот до мрежата на натурализираниот Украинец, Чуприна.
Кога на останатите не им оди, тука е капитенот. Секогаш и секаде. Кире Лазаров даде два ефектни гола едно по друго и Македонија одново поведе. Набрзо формата од германската лига ја потврди и Манасков кој реализираше три погодоци за високи 10-7 за црвено-жолтите во 20. минута.
Највисоката предност за Македонија ја донесе Лазаров со четвртиот гол на своето конто за 11-7. Украинскиот селектор веднаш побара тајм-аут после што гостите заиграа посмирено, а домаќинот како да сакаше што побрзо да ја заврши работата.
На полувреме Македонија водеше 13-10 благодарение на реализираниот пенал од Кире Лазаров. Иако во еден момент избраниците на Лино Червар поведоа со +пет (22-17), следуваше период во кој гостите опасно се приближуваа. За тоа допринесе исклучувањето на новајлијата Нелоски после што Украина даде два гола.
Кога се чинеше дека би можеле да гледаме драматична завршница, капитенот Лазаров реши да покаже зошто е еден од најдобрите светски ракометари на сите времиња. Со својот 11 погодок ја прекина серијата на Украинците и се чинеше дека победата не можеше да ни избега.
На крајот конечни Македонија - Украина 27-21. Лазаров со 12 гола беше најефикасен играч на мечот. Дејан Манасков запиша шест гола а најголемата надеж на македонскиот ракомет Талески даде три. Стоилов постигна два гола а по еден дадоа Георгиески, Прибак, Нелоски и Кузманоски. Кај Чесите, Косакевич и Жуков со по четири гола беа најефикасни ракометари.
Следен, можеби најголем предизвик во овој циклус Македонија ќе го има веќе во сабота од 14:30 против Чешка во Плзен. Во нашата група е уште и Исланд кој вечерва ја пречекува Чешка.