Пулените на Раул Гонзалес ја кренаа на нозе исполнетата Борис Трајковски и со еден чекор се до пласман на Светското првенство во Данска и Германија кое стартува во јануари следната година.
Македонија лошо го отвори мечот, но тоа беше само период од 2 минути во кој Романците поведоа со 2:0, а потоа на терен имаше само една екипа. Тоа беа момците на Раул Гонзалес кои го збрлавија и противникот и навивачите со луда серија од 8:0.
Понесени од извонредниот Борко Ристовски кој редеше интервенции и им го фрлаше во очај секој напад на гостите, нашите репрезентативци целосно се разиграа и дури шестмина стрелци учествуваа во голеадата. Романија беше без постигнат гол 12 минути.
Убавите моменти за публиката тука паузираа, бидејќи нашиот национален темпо го подзабави брзото темпо на игра со контри, а Романија успеа да излезе од шокот и да одговори со серија од 4:1.
Следуваше период во кој се играше гол за гол во кој Македонија ја одржуваше предноста од 3-4 гол разлика. Нашите ракометари го добија финишот од првиот дел и можеа да заминат со +7, но Лазаров го промаши првиот пенал, а Романците возвратија со гол за 15:10 на паузата.
И во второто полувреме Македонија газдуваше на терен, а во убедливата игра со погодоци учествуваше цел тим со се Пешевски и Кузмановски кои ги користеа шансите од клупа. Во периодот од 38-ма до 43-та минута следуваше нова одлична серија овој пат од 5:0 за максимални +10 (24:14).
Колку и да се трудеа гостите да стигнат до некој поволен резултат за реваншот, сепак со оваа генерација на ракометари нема играчки. Македонија едноставно изгази до крај, а успеа да стигне и до цепелин како белег на својата игра.
Во последните секунди од мечот Борко Ристовски екслодираше со одбрана од пенал и уште една последователна одбрана по одбиената топка за вкупно 16 интервеции.
Предводиници во играта на нашиот национален тим беа и капитенот Лазаров со 8 и Манасков со 6 голови.
Реваншот е на 13 јуни во 18:30 часот.