Речиси сите песни на навивачите од латинска Америка се певливи и влегуваат во глава. Без разлика дали ги пеат Аргентинци, Перуанци, Колумбијци или Бразилци, мелодиите на нивните песни се хит во целиот навивачки свет.
Една од најпознатите мелодии, меѓу навивачите позната како „Дале Кавезе“ ја прифатија скоро сите навивачки групи во Европа, така што во еден момент не постоеше стадион или сала каде што не се ореше овој мелос.
Целата приказна потекнува од 1956. година кога Хозè Манцо Перони и внук му Хуго Бланко ја смислуваат песната „Молиендо Кафе’ која набрзо ќе ја „украдат“ стотици автори ширум светот, од Кина до Индија.
Песната на почетокот не стигнала до стадионите, но навивачите на Бока Јуниорс ја преработуваат во доцните ’70-те години (фамозната преработка Dale Dale Boca) по што мелодијата станува симбол на стадионот „Ла Бомбонера“. Веќе во 1976. година, светски познатиот Хулио Иглесијас (татко на ѕвездата Енрике Иглесиас) ја преработува мелодијата за својот албум „Америка“ којшто ќе има рекордна продаваност.
Но ова е дури 20 години пред почетокот на Интернет ерата, па се поставува прашањето како оваа мелодија стигнала на тлото на Европа кога немало ниту Јутјуб ниту ништо слично и тоа 12.000 километри до градчето Кава де’ Тирени во Италија.
Според легендата, близок роднина на еден од водачите на навивачите на нисколигашот Кавезе од градот Кава де’ Тирени бил на пат во Аргентина од каде што се вратил со сувенир, аудио касета со навивачки песни за Бока Јуниорс. Меѓу сите неверојатни песни, една им „легнала“ на прва, а тоа била Dale Boca. На Кавезаните не им требало многу и брзо ја преработиле, ја промовирале на мечот против Анкона во 2006-та година и направиле „бум“ во Италија а неколку години подоцна и во цела Европа:
На јужната трибина на стадионот „Симонета Ламберти“ редовно ечеше оаа мелодија. Во моментов првото видео на Кавезе со оваа песна има повеќе од 4 милиони прегледи на Јутјуб.
Од нив ја ископираа навивачите на Бешикташ, Ајакс, Реал Мадрид, Марсеј, ЦСКА Софија, Севиља и ред други. Мелодијата стигна и кај нас. Меѓу првите ја пееа навивачите на МЗТ Скопје, кои подоцна се откажаа од неа поради навивачите на Работнички кои на едно дерби во легендарната стара сала „Јане Сандански“ извадија парола: „Отвори си Јутјуб што има везе, сите ја знаат Dale Cavese“. Од друга страна Аеродромци први ја воведоа практиката за преработка на мелодии од домашни и странски автори, па така имаа преработена мелодија од песната „Косоока“ од пејачот Дарио и групата Миг21 која одлично звучеше на трибините: