Вардар го згасна битолскиот вулкан и полека го лади шампионскиот шампањ

Ракометарите на Вардар 1961 уште еднаш потврдија дека играат во врвна форма откако вечерва пред преполна сала во Битола го совладаа најголемиот ривал Еурофар Пелистер 22-27 и практично стави една рака на шампионскиот пехар иако до крај има уште многу да се игра.

Избраниците на легендарниот Иван Чупиќ го пребродија најтешкото гостување сезонава, пред лута противничка публика играа смирено, сталожено и само чекаа идеален момент да го нокаутираат ривалот.

Средбата во Битола почна израмнето, црвено-црните од Скопје имаа предност на стартот која потоа ја презема домаќинот.

Голем проблем за Вардарци беше раното исклучување на Урош Митровиќ уште во 8' минута а зелено-белите прво отидоа на +2 (7-5) а потоа и на +3 (11-8).

Но Вардар не се предаде, ја поправи играта во одбраната а нападот до паузата намали на -1 (12-11 за Еурофарм Пелистер).

Во вториот дел се играше израмнето се додека неверојатниот голман на скопскиот тим Валах повторно не стапи на сцена и со неколку одбрани во серија да им даде крилја на своите соиграчи.

Вардарци со поагресивна одбрана ги стишија најдобрите ракометари на домаќинот капитенот Филип Кузмановски и Богдан Радивојевиќ. Гол за гол Вардар ја полнеше мрежата на Никола Митревски и прво се одлепи на +2 (21-23) а подоцна и на +5 (21-26).

Во тие моменти битолската сала почна да се празни, дел од гледачите разочарани го напуштаа натпреварот додека гостинските навивачи, околу 150 души го славеа триумфот на своите ракометари.

Јан Малус беше играч на мечот со 8 гола кај Вардар 1961, Милан Лазаревски блескаше со 7 гола. Кај Еурофарм Пелистер Дејан Манасков, Андреј Видомски, Филип Кузмановски и Рудолф Хакбарт дадоа по три погодоци а Никола Митревски имаше 7 одбрани.

Сега на табелата Вардар има 46 бодови, додека Еурофарм Пелистер останува втор со 40 бодови и со мали шанси за да ја одбрани титулата. Охрид исто така има 40 бодови, а „сино-белите“ од Автокоманда се четврти со 36.

Standings provided by Sofascore
15 март 2026 - 20:44