Најлошиот резултат на САД во историјата, со група граѓани на терен

Американската репрезентација го претрпе и вториот пораз на Светското 2019. По Французите, скалпот им го зема и Србија која претпладнево беше подобра со 94:89 (32:7, 12:33, 27:28, 23:21). Кемба, Мидлтон и другарите ќе завршат 7-ми или 8-ми.

Богдан Богдановиќ, кошаркарот на Сакраменто Кингс одигра симултанка и со 28 поени (3/3 за два, 7/14 за три поени), 4 скока и 6 асистенции беше најзаслужен за триумфот на Србија над Америка, со што избраниците на Ѓорѓевиќ се извадија за очајните настапи со Шпанија и Аргентина.

Покрај Богдановиќ, Србите добро ги распоредија поените, па така Лучиќ постигна 15 (3/3 за 3), Мициќ 10, Јокиќ 9+10 скока, Марјановиќ и Бјелица по 8. Кај САД Барнс беше најефикасен со 22 поени, Кемба Вокер имаше 18 поени и 8 скока, Мидлтон 16 а Мајлс Тарнер 10.

Во мини турнирот за пласман од 5. до 8. место, Америка изгуби и ќе игра за 7-мо место против Полска. Чешка од друга страна ќе се сретне со Србија за 5-то место.

НАЈЛОШ ПЛАСМАН ВО ИСТОРИЈАТА

Американските кошаркари на Мундијалот во Кина остварија 5 победи по ред на почетокот, но потоа изгубија од Франција во четвртфиналето 89-79 и во мечот за 5 место од Србија 94:89. Ова е најлошиот пласман на Америка на дури 45 големи натпреварувања низ историјата.

САД во 2002 година на домашно тло беа 6. место и тоа до денес 12 септември 2019-та беше нивен најголем кошмар. Овојпат ќе се вратат дома како 7-ми или 8-ми но и со пласман на Олимпијада во џебот (најдобра селекција од Америките заедно со Аргентина).

За очекување е овој дебакл да ги мобилизира и следната година во Токио на Олимписките Игри да дојдат по одмазда во најсилен состав, нешто вообичаено за Дрим Тимот.

САД праќаат кошаркарска репрезентација на најголемите меѓународни натпреварувања (Олимпијада, Светско и ФИБА Америка) уште од 1936 година или во превод 45 турнири по ред. Ова е само петти пат во историјата Америка да не освои никаков медал. Тие биле петти на Светското 1970-та, петти на Светското 1978, шести на Светсткото 2002 и четврти на ФИБА Америка 2005.

Америка има медал од сите 18 Олимпијади на кои се појавила, освојуваќјки 15 златни медали во кошаркарскиот турнир.

Имаа Американците неколку падови пред неверојатните подеми, како на пример трето место со бронзен медал на Олимписките Игри 2004 и на Светското 2006, порази кои ги убедија во 2008-ма да дојдат со Леброн Џејмс во тимот и да растурат.

Во глобала, Олимписките Игри секогаш повеќе им значеле на американските кошаркари отколку првенствата. За разлика од другите земји каде Светското се глорификува, Американците едноставно не се заинтересирани за Мундијал кој се игра во 8:30 наутро со пренос на ESPN+ пишува The Guardian.