И Роналд Реган и Џорџ Буш постариот (оној кој истури 88.000 тони американски бомби во Ирак и почина пред неколку дена) биле големи вљубеници во спортот.
На 13 јули 1985 година била закажана операција на тогашниот актуелен претседател Реган. Осум часа требала да трае операцијата за отстранување од канцерогениот полип на дебело црево на американскиот претседател, па затоа власта во тој период ја презел потпретседателот Буш сениор.
За целиот курцшлус да биде поголем, Џорџ Буш сениор запнал да игра тенис. И го играл со таква страст и возбуда што за време на еден меч паднал, удрил со глава во заштитната ограда и изгубил свест на неколку минути.
За овој настан не знаел никој освен присутните а во меѓувреме највлијателен и најмоќен човек на светот станал спикерот од Домот на претставници на САД.
***
Првпат спортисти на официјален прием во Белата куќа влегле на 20 август во далечната 1865 година. Тогаш претседателот Ендрју Џонсон ги примил бејзбол колективите Бруклин Атлантикс и Вашингтон Нејшналс.
Ова се случило по граѓанската војна кога естаблишментот го поддржал јавното мислење дека бејзболот е национален спорт број еден кој ќе ја обедини земјата.
Но тоа бил период на голема расна сегрегација во друштвото и спортот и праксата шампионот да оди кај претседателот била прекината на долги години.
Првиот нов прием се случил во 1924 година. Кога ја освоил титулата, бејзбол клубот Сенаторс добил повик за пригодна средба и тоа само поради тоа што навивачите барале. А и тогашниот претседател Калвин Кулиџ го сакал бејзболот (жена му била страстен љубител на овој спорт).
ПРЕСВРТ И ЗАЧНУВАЊЕ НА ТРАДИЦИЈАТА
Во 1963-та Џон Кенеди ги викнал на прием во Белата куќа кошаркарите на шампионот Бостон Селтикс (Бостон е роден град на Кенеди).
Самиот Кенеди раскажал за тоа дека почнал да навива за Бостон уште како дете и на екипата и посветил дури половина час што на неговата администрација не ѝ се допаднало многу.
Тогашниот претседател на Бостон, Ред Ауербах тврдел дека традицијата шампионот да оди во Белата куќа се родила тогаш и покрај тоа што истата година Кенеди бил застрелан. Ауербах рекол дека и наследникот на Кенеди, Линдон Џонсон го викал Бостон на гости.
Ова се случувало во време кога Афро-американците не ги пуштале во ресторани, јавни тоалети и кино сали, а претседателот на земјата ги викал на прием.
После средбата со Кенеди, оваа пракса шампионот на НБА да оди во Белата куќа повторно прекинала.
Како што раскажал еднаш пи-ар директорот на најдобрата светска лига, Брајан Мекентаир, паузата со приемите почнала затоа што претседателот Никсон не сакал многу кошарка и затоа не ги викал претставниците од НБА и АБА.
Нов прием имало во втората половина на ’70-те години.
Во април 1976-та Џералд Форд ја примил во Белата куќа првата шампионска екипа од NCAA. Тогаш Форд водел трка за повторне да стане претседателски кандидат од Републиканската партија и неколку пати одел во Индијана да ги гледа натпреварите на колеџ тимот Хузерс предводен од легендарниот тренер Боби Најт.
Во 1978 година НБА шампиони станале Булетс (прв клуб од престолнината Вашингтон после 1942 кој освоил нешто), а тогашниот претседател Џими Картер ја продолжил традицијата и не можел а да не ја викне најсаканата екипа во Вашингтон.
TBT 1978 @NBA Champ Washington Bullets visit President Jimmy Carter; @Cavs visit President Obama & The White House today 2:00 pm EST @NBATV pic.twitter.com/gmKKI748KY
— NBA History (@NBAHistory) November 10, 2016
Во 1980-та година во Белата куќа за првпат во историјата дошле и победниците на големиот Супербоул - тогаш исто Картер ги примил Стилерс. Овој прием бил уникатен затоа што дошле два клуба од Питсбург - освен шампионот во американски фудбал, дошла и бејзбол екипата на Пајретс кои освоиле во 1979-та.
Шампионските екипи најубаво биле пречекувани во време на Реган. Тој и самиот ја почнал својата кариера како спортски коментатор на радио во Ајова, во средно школо играл фудбал, а на Универзитет се занимавал со атлетика и пливање.
Интересот за спорт на Реган никогаш не опаднал. Тој обожавал секаде и секогаш да се среќава со спортистите, да ги вика во својата резиденција, да присуствува на стадионите и во салите, а во јануари 1985-та дури и фрлал монета пред почетокот на Супербоул дербито меѓу Најнерс и Долфинс.
Во тој период шампионите постојано оделе на прием во Белата куќа. Реган бил многу срдечен и народен со нив. На пример кога Филаделфија ’76 отишла на прием кај него, целата екипа не ја сакала неговата политика, но кога разговарале со него, сè било поинаку.
„Еднаш претседателот на општо изненадување ми честиташе роденден. Никој не знаеше во моментот освен Реган дека ми е роденден“, раскажал Марк Макнамара.
Во 1984-та година дошол шампионот Бостон Селтикс а Реган си допуштил неколку грешки, ги помешал имињата на легендите на Селтикс Боб Кузи и Џон Хавличек, а целата атмосфера била некако непријатна и нелагодна - играчите не можеле да ги најдат тоалетите, не им давале ниту да пијат ништо. А со нивните сопруги се однесувале како воопшто да не се дел од гостите.
„На жените не им даваа да седат заедно со мажите, туку мораше да бидат одвоени десетина метри зад ограда. Но погрешно е мислењето дека во 1986-та н е отидовме на прием во Белата куќа поради тоа. Едноставно поканата стигна многу брзо, играчите уште беа физички и психички истоштени по тешката сезона и не отидовме“, се сеќава Ред Ауербах.
****
Проблеми со приемот немале само тимовите од НБА. Во 1987 форвардот на Универзитетот Индијана Дејвид Манор не го пуштиле внатре зошто немал број за социјално осигурување.
Клубовите од НФЛ (Лига на американски фудбал) во втората половина на ’80-те почнале редовно да доаѓаат на прием во Белата куќа, по освојување на титулата. Се памети приемот од 1987 кога Гари Карсон му истурил кофа пуканки врз глава на претседателот Реган.
Потоа следел период на откажани приеми. На пример во 1985-та Беарс не можеле да дојдат кај претседателот, затоа што два дена после Супербоулот експлодирал спејс шатлот „Челенџер“.
Во 1991 Џајнтс не дошле на прием во Белата куќа затоа што 10 дена по Супербоулот Америка ја започнала првата војна во Заливот.
Исто се случило и со Тампа Беј Баканирс во 2003-та година - тогаш САД почна војна во Ирак.
Во 1999-та Бронкос не добиле покана затоа што Бил Клинтон тогаш се соочувал со потенцијален импичмент. Во 2000-та Ремс не дошле исто затоа што Клинтон морал да оди на мировни преговори на Блискиот Исток.
****
Првата хокеарска екипа во Белата Куќа станала Ајлендерс - шампионот од НХЛ во 1983.
Во 1992 година Џроџ Буш во Белата куќа ја примил и првата неамериканска екипа - Торонто Блу Џејз.
Праксата да се носи дар од клубот кај претседателот се јавила на крајот од ’70-те и почетокот на ’80-те години кога екипите доаѓале со различен инвентар: Хужерс и Булетс на претседателот му подариле кошаркарски топки, Пајретс му дале капа.
Во 1983-та Филаделфија ’76 му подариле на Роналд Реган дрес со неговото презиме на грбот а во 1985-та истото го направил и центарот на Лејкерс Карим Абдул Џабар.
Реган и Џорџ Буш најчесто добивале дресови со број 1. На времето Бил Клинтон добил дрес со број 42 како реден број на претседател на САД. Но и ова правило имало исклучоци
Сите овие подароци и признанија кои ги добиваат претседателите се сместуваат во Националниот архив на САД, а потоа во личната архива на секој од нив во тн. „Библиотека на претседателот“.
Во 1984-та година Лери Берд направил скандал откако кажал дека треба да тренира и дека „ако му треба на претседателот, знае каде може да го најде“. Шефот на државата Реган ништо не одговорил.
Во 1991 година и најголемиот на сите времиња, Мајкл Џордан решил да не се појави на приемот затоа што по крајот на сезоната сакал малку да поигра голф - спорт кој го сакал можеби и повеќе од кошарката.
Голферот Том Леман не сакал да се сретне со претседателот Клинтон затоа што „не сакал да стои до убиец на деца“. Во последните 30 години имало многу случаеви кога шампионите одбивале средби во Белата куќа во знак на протест против ситуацијата во земјата и конкретната политика на претседателите.
Сериозни проблеми со ова имаше Џорџ Буш, а убедливо најмногу има сегашниот прв човек на САД, Доналд Трамп кој влезе во директен судир со НБА првакот Голден Стејт чии играчи не сакаа ни да помислат да дојдат на средба кај него.
Рекордер меѓу претседателите е Барак Обама кој се сретнал со дури 86 шампионски екипи од разни спортови во Белата Куќа.