Гранде Пандев во топ форма

По одличните партии за фудбалската репрезентација на Македонија на натпреварите против Хрватска и Шкотска, Горан Пандев на својот прв натпревар за Наполи оваа сезона изнуди пенал, постигна гол и асистираше на уште еден погодок во победата на Наполи над Парма од 3:1.

Горан Пандев ги пропушти првите два натпревари на Наполи заради суспензија и на терените во Италија се врати во голем стил. Тој имаше улога при постигнувањето на сите три голови за Наполи при победата од 3:1 над Парма.

Најпрво уште во втората минута над него беше извршен прекршок за пенал по што Кавани беше сигурен реализатор на најстрогата казна.

Во 39-та минута Пандев и самиот се запиша во листата на стрелци откако Хамшик одлично го проигра, а тој немаше голем проблем да го совлада голманот на Парма.

Пред истекот на првото полувреме Пароло намали на 2:1, но во 77-та минута Пандев си го заработи признанието за „Играч на натпреварот" со асистенција за голот на Лоренцо Инсиње кој ги постави конечните 3:1.

Третото коло од италијанската Серија А го одбележаа големиот број погодоци и пресврти. Јувентус губеше на гостувањето кај Џенова се до 61-та минута, но на крајот фудбалерите на актуелниот шампион триумфираа со 1:3.

Рома имаше водство против Болоња од 2:0, но гостите направија целосен пресврт во последните 20 минути и победија со 2:3.

СЕРИЈА А – 3. КОЛО:

недела:
Наполи – Парма 3:1 (2:1)

Кавани 3пен, Пандев 39, Инсиње 77 - Пароло 44

Фиорентина – Катанија 2:0 (1:0)
Јоветиќ 43, Тони 65

Џенова – Јувентус 1:3 (1:0)
Имобиле 18 - Џакерини 61, Вучиниќ 78пен, Асамоа 84

Пескара – Сампдорија 2:3 (0:1)
Селик 75, Капрари 90 - Лопез 31, 76 Естигарибија 60

Рома – Болоња 2:3 (2:0)
Флоренци 6, Ламела 16 - Џилардино 72, 90, Дијаманти 90

Сиена – Удинезе 2:2 (0:2)
Калајо 70, Зе Едуардо 77пен - Баста 3, Ди Натале 5

Киево – Лацио 1:3 (0:2)
Пелисие 80пен – Ернанес 5, 74, Клосе 37

20.45: Торино – Интер

сабота:
Палермо – Каљари 1:1 (1:0)
Аревало 41 – Сау 88

Милан – Аталанта 0:1 (0:0)
Чигарини 64

16 септември 2012 - 17:14